| четврток, 6 декември 2018 |

Уште една жртва на коронавирусот во Саудиска Арабија

Министерството за здравство на Саудиска Арабија јави за нова жртва на т.н. „блискоисточниот“ коронавирус, со што бројот се зголеми на 38 починати, пренесе саудиската новинаска агенција СПА. Починатиoт 81-годишен маж бил хоспитализиран во сериозна состојба, а лабораториските тестови го потврдиле присуството на вирусот MERS-CoV.

Според саудиското министерството за здравство, исто така, се потврдени уште два нови случаи на инфекција со коронавирус во кралството, а станува збор за 41-годишна жена, чија состојба е стабилна, и 32-годишник кој истовремено се бори со рак. Двајцата претходно биле во контакт со заболени од коронавирус.

Така, во Саудиска Арабија досега се регистрирани 55 заболени од кои 33 починале. Во светот вкупно се регистрирани 64 заразени со коронавирусот од кои 38 починале.

Првите случаи на инфекција со новиот вирус беа регистрирани во септември 2012 година. До денес вирусот е откриен кај пациенти во Саудиска Арабија, Јордан, Велика Британија, Германија, Франција и Италија.

Геномот на новиот вирус за првпат беше дешифриран во Холандија во Медицинскиот центар Еразмус, каде што на вирусот му е доделен кодот hCoV-ЕМС (human Corona Virus-Erasmus Medical Centre). Вирусите коишто припаѓаат на семејството коранавируси (коишто го добија овој назив поради многуте израстоци на површината со што потсетуваат на сончевата круна), предизвикуваат различни болести од настинка до атипична пневмонија SARS.

Првите минатогодишни анализи што ги направија британските стручњаци говорат дека најверојатно најблискиот роднина на вирусот nCoV е вирусот пронајден кај лилјак. Дополнителните анализи на германските научници упатуваа дека коронаворусот се раширил преку посредници, можно е и преку кози.

Новиот коронавирус или nCoV е од фамилијата вируси од којашто потекна и SARS-от (Severe Acute Respiratory Syndrome – SARS – Тежоk акутен респираторен синдром познат и како „атипична пневмонија”), заразна болест која првпат беше откриена во ноември 2002 година во јужниот дел на Кина од кој починаа повеќе од 800 луѓе, а се прошири во 29 држави. И покрај тоа што имаше релативно мал број случаи регистрирани во светот, опасноста од инфекции и ширење на епидемијата е реална бидејќи широката светска популација нема стекнато имунитет. Како и SARS-от, и коронаворусот nCoV и другите слично вируси, може да предизвикаат кашлање, температура и воспаление на белите дробови.

Научниците будно следат за да воочат знаци на мутација на вирусот nCoV со која тој полесно би се пренесувал на повеќе приматели како што се случи со SARS-от кој предизвика пандемија.

Експертите на Светската здравствена организација коишто пред два месеца пристигнаа во Саудиска Арабија оценуваат дека е можно вирусот да се пренесува од човек на човек, меѓутоа само доколку двете лица се изложени на долготраен контакт.

Случаите во Саудиска Арабија од почетокот на мај кои беа потврдени од СЗО на 16-ти мај кога беше потврдено дека станува збор за две медицински лица кои биле во подолг контакт со заболени од вирусот, веројатно се првите јасни докази за преносливоста на вирусот од претходно заразени пациенти. Од СЗО, затоа, ги повикуваат здравствените служби да „со соодветни мерки ја намалат опасноста за пренесување на вирусот на другите пациенти и здравствените работници”. Се повикуваат, исто така, здравствените служби да бидат претпазливи со патниците коишто пристигнуваат од подрачјата во кои се јави вирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top