| четврток, 6 декември 2018 |

Во гостиварско откриени над илјада возачи без возачки дозволи

Во годината што измина на поширокото гостиварско подрачје биле откриени и исклучени од сообраќај 1.033 лица кои управувале најразлични моторни возила без положен испит и валидна дозвола, информираат од СВР Тетово.

Најголемиот број од нив управувале патнички возила, но и комбиња и камиони или други видови товарни возила. Според возраста, станува збор за помлади лица на возраст од 15, 16 до 35-40 години.

Според портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски покрај возењето без возачка дозвола забележително е што и возачите почетници не го почитуваат законот.

– Минатата година, исто така, откриени се и 294 возачи-почетници, кои не се придржувале кон законски предвидените ограничувања за оваа категорија учесници во сообраќајот, односно управувале возила со поголема моќност или без придружник, вели Јосифоски.

Тој нагласува дека во 2017-та година откриени и законски санкционирани се и 836 лица кои управувале возила со истечена регистрација до и над 30 денови, како и 81 технички неисправно возило. Според Јосифоски ова е причина повеќе за сериозна загриженост, бидејќи значителен број од нив биле учесници и во јавниот превоз на патници.

Лани на гостиварското подрачје вкупно контролирани се 28.211 возила и возачи, од кои 8.893 биле неисправни, а поради што се изготвени 3.813 прекршочни пријави и 4.351 мандатен платен налог.

Во најавата за активностите за претстојната година, од СВР Тетово потенцираат дека посебно внимание повторно се посветува на возачите без дозволи, возачите-почетници и на техничката исправност на возилата. Покрај ова, интензивно ќе се спроведуваат и активности за контрола на брзината, зашто неприлагодената брзина и минатата година беше најчестата причина за најголемиот број „сообраќајки“ на полошките простори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top