| четврток, 6 декември 2018 |

Сточарите очајни: Поради ниските откупни цени масовно ги продаваат стадата

Сточарите очајни,  двојно пониската откупна цена на јагнешкото за празниците, целосно ја доведува во прашање нивната рентабилност и можноста да ги одржат стадата во текот на претстојната година.

Кубурат и со, како што велат, ниска откупна цена на млекото, поради што голем дел од нив веќе ги нудат своите стада на продажба.

Според претседателот на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија Евтим Шаклев, цената на божиќното јагне беше 140 денари килограм жива мера, наместо 200 до 220 денари.

– Јагне нема колку што се бара. Количините се намалуваат поради лошата цена и на јагнето и на млекото. Ако за божиќните празници цената беше 140 денари, за Велигден ќе биде 100 денари. Во вакви услови кој ќе чува овци? Голем дел од сточарите ги нудат стадата на продажба поради ниската откупна цена на месото и млекото, изјави Шаклев за МИА. 

Голем дел од сточарите веќе бараат купци за нивните стада, но и таму работите не стојат најдобро. Поради се потешките услови во сточарството и земјоделието, ретко кој сака да го проширува својот бизнис, а нови инвеститори речиси и да не постојат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top