Погребален оператор кој бил ангажиран да изврши погреб на гробиштата во Охрид извршил ископ на гробно место кое не било во сопственост на семејството на починатото лице, туку на друго семејство од Охрид.
Ископот бил прекинат во среќна околност, бидејќи чуварот на гробиштата забележал дека се копа на тоа место, и ги известил лицата од погребалниот оператор дека тој гроб според евиденцијата има сопственици, старатели кои добиваат годишна фактура за тоа место, по што од погребалниот оператор било прекинато копањето.
Според организацијата на работење и функционирање на ЈП ГРАДСКИ ГРОБИШТА Охрид погребалните оператори копаат таму за каде ќе ги одведе референтот вработен во претпријатието.
Семејството кое е старател на гробното место се подготвува да покрене правна процедура против раководството на гробиштата.
ЈП ГРАДСКИ ГРОБИШТА влезе во серија скандали. Секако најголем е скандалот што го направи директорката под притисок на високопозиционирана политичарка од СДСМ, за кој Обивинителството отвори официјална истрага, но не е за потценување ниту одлуката на Управниот одбор да склучи договор за закуп на тезги во директна спогодба без тендер и во „четири очи“.
И покрај официјално отворената истрага и критиките од јавноста и од опозицијата, директорката не поднесува оставка ниту пак власта во Охрид најавува дека ќе ја разреши.
извор: Охрид1
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.