| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски во Чаир: Имаме неефикасна економија, стопирани капитални инвестиции, граѓаните го плаќаат цехот

Ми беше особена чест што имав прилика да одржам состанок во Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Чаир, напиша на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Заеднички со многу ентузијазам дискутиравме за внатрепартиската организираност и за прашања значајни за нашата партија. Воедно имавме и поширок осврт на актуелната политичка и економска ситуација. Граѓаните се повеќе губат надеж, а економијата тоне. Секој поминат ден значи загубено време за реформи, и подобрување на стандардот на граѓаните, напиша Мицкоски.

Имаме нефикасна економија, нагласи Мицкоски, и речиси стопирани капитални вложувања.

– За 8 месеци нема ниту еден завршен, ниту отпочнат капитален проект во државата, само најави, и нереализирани фалења. Сите економски показатели говорат дека економијата преживува, а се добива впечатокот дека владата работи по принципот “купи ден, помини”, без стратегија и без суштински потези. Бизнисот ја губи економската слобода, а макроекономските показатели се поразителни. БДП-то стагнира, и се движи околу 0 раст. Тоа значи дека целата економија не оди напред, а граѓаните го плаќаат цехот. Ова мора да престане. Македонија нема време за губење повеќе. Потребни се храбри и одлучни чекори, потребна е мудра политика базирана на вистинските потенцијали на оваа земја. Мора да се врати изгубената надеж и насмевката кај луѓето. Мора борбата да се насочи кон овозможување на подобар живот за секого, заклучи Мицкоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top