| четврток, 6 декември 2018 |

Калајџиев поднесе оставка од Советот за реформи во правосудството: Советот стана декор на МП и Владата

Професорот по Казнено процесно право на Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев пред десетина дена поднесе оставка на членството во Советот за реформи во правосудството, бидејќи Советот го доживува повеќе како декор на Министерството за правда и Владата, отколку како вистински Совет за реформи.

– Лично сметав дека реформите не се одвиваат на начин на кој јас замислував во однос на брзината, нема вистинска инклузивност ниту на луѓето кои се засегнати од реформите, пред се, тука мислам на самите судии, обвинителството во делот на правосудството, ниту на дел на инклузивноста на граѓанскиот сектор. Но, најнезадоволен бев од работата на самиот Совет, рече Калајџиев

Според него, самиот Совет во суштина е доста маргинализиран, се свикува многу ретко – еднаш во два месеци, а на дневен ред се поставуваат прашања по избор на Министерството.

– Некои важни иницијативи се одбиваат без аргументација, така што Советот го доживувам повеќе како декор на Министерството и Владата отколку како вистински Совет за реформи. Мислам дека напротив сериозноста на задачата бара многу добро да се размислат чекорите што се преземаат, бидејќи само палијативни, нови крпења на законските прописи, нема да донесат решенија на проблемите како што не донесоа ни досега, бидејќи ние и без да правиме реформи имаме пристојни законски решенија. Но, имаме сериозни други проблеми што уште де факто не сме ги детектирале зошто и како нашиот систем не е резистентен на политичките влијанија, кои се тие канали преку кои се врши притисок врз судството, обвинителството што доведуваат до селективност, политизираност, истакна проф. Калајџиев.

Додава дека дури и неговата оставка од работата во Советот не била истретирана.

– Значи, никој не ме повика да разговара во смисла на тоа каде се проблемите… Мислам дека оваа реакција вреди најмалку еден разговор. Нас ниту не прашаа кога не назначија, ниту денес не третираат за некои од иницијативите што ги одбиваат да не викнат на разговор, да поразговараме за други проблеми кои ги истакнавме. Ние бевме незадоволни и од, условно речено, техничката страна, не добивме материјал навреме, не бевме информирани каде се некои реформски зафати, не бевме информирани за фидбекот на ЕУ и експертите од таа страна, не бевме информирани за дебатите што се водат и тој фидбек, немавме благовремено материјали за многу работи, немаме влијание врз техничките комисии што почнаа да работат на некои закони, посочи тој.

Калајџиев се пожали дека се чувствува понижен од луѓето во Комисијата на МП кои го ставиле во некои законски проекти за заштита на приватноста, за укажувачите и други, кои не биле негова експертиза и поле на интерес…

– Моето лично убедување е дека има некои чудни центри на моќ кои работат на реформите без транспарентност. Нашето учество таму секако беше базирано и на добра волја и ако не чувствувам дека има добра волја и од другата страна немам ни причина да учествувам, рече проф. Калајџиев за МИА.

Посочи дека може да се прифати аргументот на Владата дека ним им требаат некои чекори, некои резултати, во краток временски период за некои политички цели. Меѓутоа, како што додаде, треба јасно да се каже дека тие работи ќе се преземат во таква итна постапка, некои приоритети што ние би ги одбрале како остварливи во тој временски период.

– А за многу други работи треба да се остави многу повеќе простор, да се издебатира, можеби да се истражи. Многу реформи во светот се прават врз основа на неколкугодишни истражувања, бидејќи нас ни е јасно, или мене барем ми е јасно дека само со нови законски решенија во постојните закони нема ништо да направиме, бидејќи ако беше до законските решенија ние веќе имаме добри законски решенија, рече Калајџиев.

Задачата е многу покомплексна, рече тој, додавајќи дека пристапот е палијативен и површен и на подолги стази нема ни да постигне резултати.

Советот вкупно има 22 члена, од кои 17 се надворешни експерти, а петмина членови се од Министерството за правда. Членови на Советот се Маргарита Цаца Николовска и Мирјана Лазарова Трајковска, поранешни судијки во Европскиот суд за човекови права, универзитетските професори Љубомир Фрчкоски, Мирјана Најчевска, Борче Давитковски, Беса Арифи и Мерсим Максути.

Основање на Совет за спроведување на реформи во правосудството е дел од Планот за реформи на Владата, познат како 3-6-9.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top