| четврток, 6 декември 2018 |

Таравари почна кампања „Вистината за ДУИ”

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, јa зaпочна најавената кампања наречена „Вистината за ДУИ“, во чии што рамки во континуитет ќе држи прес-конференции на кои ќе бидат обелоденети, како што вели тој, сите злоупотреби извршени од страна на поранешното раководство на Општина Гостивар, а кои ги констатирала внатрешната ревизија.

– Има многу скандали, почнувајќи од полицијата, образованието, областа на урбанизмот, работата на општинската администрација и така натаму. Неколку внатрешни ревизии веќе се завршени, некои се во тек, а со ревизии ќе се продолжи сè додека не се открие и последната злоупотреба. Денес, пред вас ќе го обелоденам случајот со кафетеријата кај ЈПССО ‘Риниа’ – Гостивар. Овој локал му е изнајмен на лицето Гази Фејзи за надоместок од само 5.000 денари месечно и тоа за период од 20 години. А најскандалозен е фактот што оваа кафетерија го блокира влезот на спортската сала каде што се одржуваат натпревари во првата кошаркарска лига и се собираат повеќе од 2.000 гледачи на кои им се загрозува безбедноста. Втората работа, истата кафеана користи електрична енергија и вода од спортската сала, значи тоа го плаќаат граѓаните на Гостивар”, посочи Таравари и рече дека со пари од Јавното претпријатие, се плаќале и одредени даноци и такси на кафетеријата.

Што се однесува до мерките кои ќе бидат преземени, истакна дека во надлежност на општината е да се утврдат злоупотребите преку ревизија и да се сигнализираат надлежните истражни органи.

Покрај тоа, градоначалникот на Гостивар, во врска со обвиненијата од поранешниот градоначалник Бејта за предложениот буџет за 2018 година, рече дека тој има предвидено околу 15 илјади евра помалку за разлика од 2017 година и рече дека другите непродуктивни расходи предвидени за буџетот за оваа година се пониски во споредба со буџетите од претходните години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top