Граѓани од цела Македонија го затрупаа Народниот правобранител со претставки зашто Управата за јавни приходи не им ги враќа парите од радиодифузната такса, која во септември се укина, а тие предвреме ја платиле за цела година. Се работи за предвреме платени средства за месеците октомври, ноември и декември.
За 570 денари што треба да им ги врати на овие граѓани, УЈП ги уценува да поднесат барање со кое ќе уплатат задолжителна такса од 300 денари.
Надлежните од кај Омбудсманот Иџет Мемети отвориле постапки за сите претставки.
– Во врска со претставката поднесена од П.Ј.од Скопје, во која укажува на повреда на правата од страна на УЈП- РД Скопје, од каде, како што наведува бил условен за да поднесе барање за поврат на средства на име радиодифузна такса, прво треба да пополни барање со уплата на административна такса, во висина од 300 денари, Народниот правобранител се обрати до УЈП – Регионална дирекција Скопје. Имајќи ја предвид апсурдноста на дадениот одговор на УЈП – РД – Скопје дека обврзникот е должен при поднесување на барањето да уплати административна такса во висина од 300 денари, односно во конкретниов случај за да и бидат вратени 570 денари неосновано наплатени, подносителот треба да уплати 300 денари такса, беше остварена средба со одговорни лица од УЈП – РД – Скопје“, вели за една од купот претставки Зоран Билбиловски, државен советник кај Народниот правобранител.
Во текот на разговорот, кој се случил пред околу 3 недели, поточно на 19 декември, Народниот правобранител побарал да се разгледа можноста на обврзниците што неосновано им се наплатени парични средства, тие по службена должност да им бидат вратени, без притоа да бидат условувани со плаќање на административна такса.
(извор – Sdk.mk)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.