| четврток, 6 декември 2018 |

Семејството Иванови на одбележување на празникот „Св. Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка

Во манастирскиот комплекс „Св. Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка денеска беше одбележан зимскиот празник на овој светец воедно и патронен празник на манастирот. Традиционално на чествувањето присуствуваше и претседателот Ѓорге Иванов со семејството, а годинава на свеченоста беа и претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицковскикако и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Чествувањето почна со света божествена литургија со која чиноначалствуваше митрополитот тетовско гостиварски г. Јосиф заедно со митрополитот европски Пимен и повеќе свештенослужители кои во својата беседа пред присутните верници посочија дека Свети Наум Охридски Чудотворец е еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета.

Претседателот Иванов во својата изјава по завршување на верскиот дел од одбележувањето рече дека традиционално секоја година со семејството присуствуваат на славењето и одбележувањето на празникот на големиот светител Свети Наум Охридски чудотворец во истоимениот манастирски комплекс на Попова Шапка.

– Одбележувајќи го празникот ние се потсетуваме на неговото дело и се што правел тој за народот. Ние сите треба да го славиме и почитуваме тоа дело и да им помагаме како што тој им помагал на болните, сиромашните и немоќните и да им даваме утеха и да бидеме солидарни. Затоа посакувам овој празник да не биде само одбележување и славење туку и почитување на делото на Свети Наум. Посакувам што повеќе да сме сплотени меѓусебе, да сме солидарни и да си помагаме и да мисилме на тие што им е потребна помош и утеха изјави Иванов.

Во правец на меѓусебно разбирање и сплотеност тој го прокоментира фактотот за присуството денеска на Попова Шапка на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

– Секогаш кога сме сплотени секогаш сме наоѓале решение и за најтешките проблеми и тоа низ историјата сме го имале како позитивен пример. Празниците не треба само да ги славиме, туку и да се обединиме и да бидеме заедно во моментите кога треба да покажеме слога, рече Иванов.

За сите кои присуствуваа на денешното одбележување на овој православен празник од страна на кумовите беше приредена заедничка трпеза

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top