| четврток, 6 декември 2018 |

Седумдесет и пет години од убиството на Страшо Пинџур

Седумдесет и пет години од убиството на народниот херој Страшо Пинџур беа одбележани денеска во Кавадарци.

Бројни делегации положија цвеќе пред бистата во дворот од неговата спомен куќа во кавадаречкото село Ваташа.

Историски час за животот и делото на Пинџур одржа Петре Камчевски, кустос-советник историчар и директор на кавадаречкиот музеј. Тој нагласи дека се работи за значаен јубилеј поврзан со една од најзначајните личности од историјата на македонскиот народ.

Роден бил во Струмица на 5 март 1919 година, каде неговиот татко извесно време работел како учител. Рано останал без родител, бидејќи неговиот татко загинал во Првата светска војна кога Страшо имал само шест месеци.

– По премажувањето на неговата мајка, целата грижа за него ја превземала неговата баба Наца, на која и останал приврзан до крајот на неговиот живот, информираше Камчевски.

Се образувал во Ваташа, Кавадарци, Горњи Милановац, Неготин Краина и Крагуевац, каде практично започнала и неговата револуционерна дејност. Станал член на скоевската организација, а во тој период како ученик во Ваташа го пишувал неговиот дневник.

– Често пати знаел да падне и во депресија и на едно место во дневникот запишал „Јас ќе умрам млад, а мојот гроб нема да се знае“, соопшти Камчевски.

Во 1938 година поради револуционерна дејност бил уапсен и затворен во затворот Ада Циганлија во близина на Белград. Во 1935 година се запишал на правниот факултет во Белград и набргу станал член на акцискиот одбор на студентското движење кое ги организирало сите студентски демонстрации, сите штрајкови на белградскиот универзитет.

Во 1936 година бил еден од иницијаторите за формирање на културно просветното друштво „Вардар”, на кое бил поставен за негов секретар, а бил и еден од организаторите за формирање на Македонското народно движење, кое ги обединувало сите напредни студенти интелектуалци од Македонија кои живееле и студирале во Белград.

Во 1939 година по негова иницијатива била оформена Комунистичката партија во Кавадарци, заедно со Ѓошо Бојаџиев и Ристо Михов. Во 1938 бил уапсен и однесен во затворот Ада циганлија. Во 1940 година дипломирал на правниот факултет. Но поради неговата револуционерна дејност повторно бил уапсен и затворен на истото место. Бил пуштен непосредно пред почетокот на Втората светска војна.

Во 1941 година Страшо бил инструктир на Покраинскиот комитет, а истата година бил поставен и за член на Главниот штаб на покраинскиот комитет.

Истата година бил член и на Главниот штаб на Македонија, кој го организирал револционерното движење во овој крај. На 22 август 1941 година бил еден од орагнизаторите на скопскиот партизански одред, а во тоа време ја вршел функцијата секретар на Месниот комитет во Скопје.

Во втората половина на 1942 година бил разбиен велешкиот партизански одред „Димитар Влахов”, а Страшо Пиџур и Мирче Ацев биле испратени во Велес, со цел да ја средат работата на партиската орагнизација која претпрела многу апсења.

– Во куќата на Јован Митрев во која биле сместени, најверојатно поради некое предавство, биле уапсени и испратени во скопскиот областен затвор. Таму на инквизиторски начин биле страшно мачени. Страшо два дена бил тепан, за целото тоа време само изустил „ѕверови, јас сум Страшо Пинџур и тоа е доволно за вас”, а Мирче Ацев не изустил ниту еден збор. Во неговото малтретирање и тепање учество зеле Љупчо Јорданов како агент на бугарската полиција, Анто Антов и Јован Јованов. Бил тепан по раце, по глава, по тело, по нозе. Кој каде ќе стигнел тепал со гумени палки и парчиња од автомобилска гума, раскажа Камчевски.

По два дена интензивно тепање, Страшо им подлегнал на повредите. За народен херој на Македонија, на тогашна Југославија, бил прогласен на 29 јули 1945, меѓу првите во својата земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top