| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ најавува закон за амнестија за притворените за 27 април

Предлог-законот за амнестија што го подготвува правната служба на ВМРО-ДПМНЕ се однесува исклучиво на осомничените лица во настаните од 27 април, информираат од партијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова е посебен закон и нема никаква врска со измените на законот за амнестија што ги предлага Владата.

„Текстот на законот ќе биде краток и со него ќе бидат опфатени неправедно осомничените и притворени лица. Се надеваме дека наскоро ќе биде готов и по празниците ќе биде поднесен во Собранието. Очекуваме со него да заврши политичкиот прогон врз пратениците и другите наши членови со цел национално помирување и враќање на нормалните текови во државата“, брифираат од партијата за „Макфакс“.

Од ВМРО-ДПМНЕ не се децидни дали законот за амнестија е дел од „политичкиот пазар“ за враќање на опозицијата од Собранието, но порачуваат дека мнозинството треба да покаже добра волја и законот да помине. Законот за амнестија прв го најави доскорешниот лидер на партијата, Никола Груевски, непосредно пред заминувањето од функцијата. Тогаш тој ги повика и бившите коалициски партнери ДУИ да дадат поддршка на амнестијата.

„Потребни се закон за амнестија и помирување. Треба и ДУИ да го знае тоа зашто амнестијата кон нив беше за потешки дела. Тоа и Заев треба да го знае, и покрај претрпената болка. Со Законот за амнестија во 1999 година за настаните во Гостивар беа опфатени двајца градоначалници кои беа ослободени, во 2001 година имаше амнестија за учесниците во конфликтот. Ние покажавме политички капацитет и државништво“, рече тогаш Груевски.

Инаку, претседателот Ѓорѓе Иванов во годишното обраќање пред пратениците во Собранието пред една недела го критикуваше начинот на кој се расчистуваат настаните од 27 април и повика на помирување.

Сегашниот закон не му дозволува на шефот на државата да помилува лица за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“ за што се осомничени 36 лица, меѓу кои и шест пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top