| четврток, 6 декември 2018 |

„Крај на кризата на Косово“: Осум пратеници ги повлекоа потписите за Специјалниот суд за злосторства на УЧК

Осум пратеници ги повлекоа потписите за Специјалниот суд за злосторства на УЧК, со што практично заврши неколкудневната политичка криза во чие решавање повторно клучна улога одиграа западните дипломати.

Српските медиуми јавуваат дека двајца пратеници на Алијансата за Косово на Беџет Пацоли и шест пратеници на Иницијативата за Косово ги повлекоа потписите од барањето за свикување седница на парламентот на која би се расправало за укинување на Специјалниот суд за УЧК.

„Останаа потписите на 35 пратеници и со нив не може да се свика каква било седница. Ова заврши со тоа што косовските лидери го изгубија кредибилитетот”, кажа за телевизијата Дукаѓини пратеникот Илир Дедај.

Барањето за парламентарна расправа за укинување на судот, кој беше формиран пред речиси три години за да се процесираат злосторствата кои за време и непосредно по војната на Косово ги извршиле припадниците на УЧК, прво ја потпишаа 43 пратеници, но поддршката на оваа иницијатица се топеше како што се засилуваше меѓународниот притисок врз приштинскуте лидери.

За анулирање на законот за Специјалниот суд, чии први обвиненија се очекуваат кон средината на февруари, потребна е поддршка од 61 од вкупно 120 пратеници во косовскиот парламент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top