| четврток, 6 декември 2018 |

Д-р Марија Хаџи – Лега: Законот за абортус е еден од најлибералните во европските земји

hadzi-lega-

Новиот Закон за прекинување бременост е еден од најлибералните закони во европските земји, дури и полиберален од претходниот закон што е донесен во 1977 година, изјави во интервју за МИА директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство д-р Марија Хаџи-Лега.

Законот, според неа, се донесува од неминовната потреба да се регулираат одредени одредби со оглед на тоа дека стариот закон е донесен во времето на СФРЈ.

Жената, има право на абортус и воопшто не е спречена можноста да одлучи за својата судбина, дали да го роди детето или да ја прекине бременоста.

– Разликата помеѓу новиот и стариот закон повеќе би ја дефинирала како осовременување на постоечкиот закон, кој во ваква форма го почитува индивидуалното право на одлука на жената бидејќи е отфрлена точката каде што се бара и согласност од сопругот за абортус, но и дава и шанса на секоја жена да размисли и да потврди дали сака да ја прекине бременоста, вели д-р Лега.

Новина е и тоа што треба да има ултразвучна верификација бидејќи секој гинеколог за да одреди и да детерминира дека постои бременост, неопходно е да се направи таков преглед за да се дефинира бременоста дали е во матката или надвор од неа, за која гестациска недела се работи и дали евентуално постојат одредени туморски формации во самата матка.

– Втора промена е тоа што жената треба да потпише барање до докторот кој ќе ја извршува интервенцијата, како и писмена согласност со потпис кој и до сега постоеше. Прекинувањето на бременоста може да се врши во болничка установа која во својот состав има операциона сала односно да исполнуваат одредени стандарди и која што добила одобрение од Министерството за здравство за вршење на дејноста за прекинување на бременост, појаснува Хаџи-Лега.

Една од позначајните новини во законот е советувањето кое докторот задолжително мора да го изврши пред да ја направи интервенцијата.

– Законски воведениот период од три дена и овозможува на пациентката доволно време да размисли за својата одлука пред конечно да ја донесе. Советување постоеше и досега, но на друг начин. Не беше законски регулирано дека докторот мора да го направи, но секоја жена која ќе дојдеше да абортира поминуваше низ комисија која имаше социјален работник, психолог, гинеколог. Комисијата нема улога да ја убеди жената да не ја изврши интервенцијата, но ќе и помогнат на полесен начин да ја надмине таа ситуација зашто интервенцијата е извесен психолошки стрес, да и укажат на ризиците. Овие денови на чекање се во пракса во многу европски земји, рече таа.

Д-р Хаџи-Лега вели дека не знае зошто после новиот закон би се случувало жени да абортираат во нелегални клиники или во странство бидејќи како што беше до сега така ќе биде и во иднина во однос на абортусот, освен новината со трите дена за размислување.

– Зошто би оделе во странство за дополнителен материјален издаток кога истата интервенција можат легално да ја направат кај нас. И таму важи одреден закон, нагласи таа.

До јуни оваа година на Клиниката за гинекологија и акушерство имало над 2.600 раѓања, додека до мај бројката на абортуси изнесува 125. Минатата година бројката на раѓања изнесуваше 5.506 раѓања, а биле извршени 280 абортуси.

Во 2011 година на Клиниката за гинекологија се родиле 4.868 бебиња, а бројот на абортуси 278. Во 2010 година бројот на рагања е 4.927, а биле извршени 312 абортуси. За споредба во 2003 имало 598 абортуси на Клиниката, а во 2004 имало 600 абортуси.

– Обемот на работа на Клиниката оваа година е зголемен како резултат на најсовремените услови кои нашата клиника како јавна здравствена установа во моментов ги нуди. Има случаи кога пациенти од приватни здравствени установи се пренасочуваат на нашата клиника, изјави Хаџи-Лега.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top