| четврток, 6 декември 2018 |

Чочоровска излезе од затвор: Не сум шверцер, ми подметнаа половина тон кокаин

Станислава Чочоровска, по десет години зад решетки, излезе од затворот „Идризово“. Таа доби прекин на казната заради лекување, потврди и директорот на затворот Керим Мамути.

Чочоровска во 2007 година, заедно со Алија Азировиќ, возачот на камион во кој се превезуваа канти со поликолор, полни со дрога, беа осудени за организирање на транспортот на 486 килограми кокаин, за што добија казна затвор од 14,6 години затвор.

Оваа казна подоцна беше потврдена и од Апелациониот суд.

Ваквиот прекин на казната е во рок од 30 дена, а потоа дали ќе се продолжи одлучува судот.

Да сум шверцер, ќе имав солитер

Македонката Станислава Чочоровска –  Полетан (48), кума на Жељко Ражнатовиќ – Аркан, која судот во Скопје ја осуди на 14 и пол години затвор поради шверц на 483 килограми кокаин, поради лекување е пуштена на едномесечно отсуство од затворот во Идризово, пишува српски „Блиц“.

– Чочоровска- Полетан, сопруга на Ранко Полетан, некогашниот припадник на единицата „Тигри“ на Аркан, и сопственик на фирмата „Макфут“, стана актуелна во јавноста во јануари 2007 година, откако на Божиќ македонските полицајци и цариници во рутинска контрола на граничниот премин Блаце открија и запленија 483 килограми и 170 грама кокаин, чија вредност беше проценета на 92 милиони евра. Тогаш е уапсен и возачот на камионот, скопјанецот Алија Азировиќ, пишува најтиражниот српски весник.

Утврдено е дека дрогата, која била скриена во канти од поликолор, од Венецуела, преку Црна Гора требало да стигне до Грција и оттаму да се криумчари во други држави од Европската унија. Кантите поликолор во Бар се натоварени во камион со македонски таблички кој го управувал Азировиќ, а во планираниот пат до Грција требало да помине низ Македонија.

Дрогата „патувала“ во камион на фирмата „Макфут“, па српската полиција веќе на средината од јануари, по македонска потерница ја уапси Чочоровска- Полетан.

– Немам ништо со тоа криумчарење, се ми е наместено. Оној кој шверцува толкава количина кокаин има милиони евра, а јас живеам во стан од 70 квадрати. Да сум шверцер, ќе имав свој солитер, изјави непосредно пред апсењето за белградските медиуми Станислава Чочоровска- Полетан. Таа тогаш наведе и дека со македонската власт која ја смета за пробугарска и проалбанска, не мисли да соработува.

И после апсењето, пред Судот во Србија негираше дека има врска со запленетиот кокаин. Потоа поднела молба за добивање на српско државјанство, бидејќи е мажена за српски државјанин и со години живеела во Белград, но српското МНР тоа го одби, па на 10-ти мај истата година беше испорачана во Македонија.

Македонската полиција во истрагата дошла до сознанија дека Чочоровска со посредство на својата фирма и претходно криумчарела кокаин, но преку Ријека.

– Занимливо е тоа што пред нејзината екстрадиција, низ македонските медиуми се појавија шпекулации како Чочоровска- Полетан е спремна да соработува со правосудството во Скопје и да нуди име на личност која требало во средината на 90-тите да го убие тогашниот претседател на Македонија, Киро Глигоров. Од таа соработка немаше ништо, пишува „Блиц“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top