| четврток, 6 декември 2018 |

Сосема случајно откриена најголемата измама на текстилини работнички во Македонија

Четири работнички во една штипска текстилна конфекција работеле 13 години со полно работно време, а нивниот поранешен работодавач придонесите кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување им ги плаќал само на половина работно време, објави на денешната прес-конференција претседателот на регионалната канцеларија на ССМ-Штип, Горан Трајков.

Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување сега тие имаат работен стаж од само шест години и шест месеци.  Трајков забележа дека овој случај претставува најголема измама и манипулација врз текстилните работници, кои сосема случајно ја откриле. Работничките пред синдикатот сведочат дека пред извесно време дале отказ во конфекцијата, која засега не се открива, а во која биле вработени 13 години. Новиот сопственик откако ги вработил им посочил дека сега тие кај него се вработени на полно  наместо на половина работно време  кај поранешниот соственик.

– Работниците кои се охрабрија да зборуваат доаѓаат од фабрика во која се вработени околу 200 работници. Правиме темелни проверки преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, каде што работниците си ги вадат овие документи, прегледи за да може да утврдиме дали сите работници биле осигурани на скратено работно време, односно на 20 часа неделно. Во самиот старт може да заклучиме дека станува збор за четири работници, кои се изненадени од ситуацијата, вели Трајков.

Тој наведува дека работничките укажуваат оти пред 13 години не им било понудено ниту договор да потпишат при нивното вработување. На целиот овој случај работи тим адвокати, според кои засега единствена казна за поранешниот сопственик е да го доплати работниот стаж на работниците за изминатите три години, но не и за останатите 10 години. По Нова година ќе се знае и точниот број на работници, кои верувале дека биле осигурани на полно работно време, а сепак биле измамени, односно осигурани на скратено работно време.

Трајков апелира работниците да си го проверуваат работниот стаж во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а исто така и да почнат со создавање синдикални организации со цел да бидат заштитени при вакви можни измами.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top