| четврток, 6 декември 2018 |

На новогодишната ноќ итната помош ќе располага со 10 тима и 8 дежурни ординации

Службата за итна помош во состав на ЈЗУ „Здравствен дом на Скопје” информира дека за време на новогодишните празници ќе се грижи за здравствената состојба на граѓаните во текот на 24 часа.

„На новогодишната ноќ итната медицинска помош ќе располага со 10 медицински тима и 8 дежурни ординации за здравствена заштита во трета смена, недела и празници во поликлиниките Јане Сандански, Чаир, Ченто, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Драчево, Идадија и Бит-пазар. Исто така, со секојдневното работно време ќе функционира и единицата за домашна посета“, соопштија од таму.

Поради претстојните прослави на новогодишните празници, службата за Итна медицинска помош препорачува редовно земање терапија кај хроничните болни, да се внимава со внес на храна кај оние лица кои се придржувале на божиќниот пост, умерено користење алкохолни пијалаци за да се избегнат несаканите последици – алкохолни труења, тепачки и сообраќајни незгоди.

Посебно се апелира до младата и малолетна популација за некористење алкохолни пијалаци поради нискиот праг на толеранција кон алкохолот и воздржување од користење разни пиротехнички средства и огнострелно оружје заради избегнување несакани повреди, изгореници и други потешки последици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top