„Македонски манифест“ испрати отворено писмо до Зоран Заев по повод најавата дека првото полугодие на следната година е вистинското време за менување на името на земјата
Отвореното писмо го пренесуваме во целост:
Премиере, Вашата најнова изјава дека првото полугодие од 2018 година е одличен период за решение на името е крајно вознемирувачка и депресивна за македонскиот народ, затоа што на сите ни се јасни намерите на Вашата влада да го помести името од своето автентично исконско лежиште, онака како што го бараат тоа Брисел, Вашингтон и Атина како услов за влез во ЕУ и НАТО. Сите Ваши изјави и изјавите на некои Ваши министри (Никола Димитров, Бујар Османи, Кочо Анѓушев…) речиси безрезервно ја најавуваат таа катастрофа на македонскиот колективен идентитет, кој е запечатен со неколку милениумски континуитет, за што сведочи и најзначајниот антрополошки и културолошки документ за западна јудео-христијанска цивилизација Библијата.
Премиере, со право се прашуваме дали Вие и Вашата влада навистина знаете што е тоа име и идентитет, зошто не само човекот и народите, туку и предметите имаат свои имиња од кои, најмногу од нив, го црпат својот идентитет. Знаете ли зошто Бог им ги подарил имињата, во тој контекст, на луѓето, народите, птиците, рибите, животните и предметите? Знаете ли? Знаете ли зошто и нас како народ нè именувал уште од древни времиња, од првата воопшто позната како документ етнографска карта на народите на библискиот Мојсеј, водејќи нè низ сјајни културолошки епохи, но и низ темни историски бездни и премрежија сè до денес. Се прашуваме: затоа ли за Вас и Вашата влада тоа Господово Име сега од жив пламен да го урнисате во пепел и да го ставите во мртовечка урна, само и само како безрбетни слуги на Брисел и неговата неофашистичка Лисабонска декларација да го одведете најсрамно како живи безидентитетски мртовци овој исконски народ во ЕУ и НАТО.
Впрочем, премиере, и како ќе им кажеме зошто сме го смениле (односно сте го смениле Името) на 142-те земји од светот, кои, посовесни од Вас, го почитуваат него и нè признаваат под знамето на неговиот архетип. Премиере, Името не е во никој случај политички, туку онтолошки факт и прашање. Исклучиво тоа! Со други зборови, тоа е и душата и духот на еден народ, неговиот најбитен историски и културолошки код. Оттука, за разлика од Вас и Вашата влада, сите антрополози се сложуваат дека укинувањето на изворниот идентитет на секој еден колектив е рамно на смрт. Ќе ви го цитираме, ако мислите дека лажеме, во таа смисла познатиот француски антрополог Луј-Вансен Тома, кој во својата книга „Антропологија на смртта“ вели: „Со право можеме да се запрашаме постои ли пострашна смрт од онаа која се состои од лишувањето на еден народ од неговиот идентитет“. Толку, ако разбирате Вие, вашите министри и целата Ваша влада, премиере. Воопшто, бришењето на сите идентитетски знаци, меѓу кои Името е централен архетип, претставува чин на геноцид. Ништо друго, како што мисли и понапред цитираниот француски антрополог кој, ако тоа нешто ви значи, името доаѓа од ареалот на Вашата толку многу митомански обожавана ЕУ, плус и НАТО, кои веќе полни три децении константно на софистициран и нацифашистички начин нè понижуваат и уценуваат за да нè примат во нивниот вавилонски „демократски“ бордел. И, срамен договор за добрососедство со Бугарија има геноциден мирис по нас Македонците, премиере. Во него е избришан идентитетот како на македонскиот народ, така и на неговиот јазик. Македонските фарисејски архиереи, сега веќе егзархиски слуги, со исклучок на владиката Агатангел, најполтронски, барајќи си ја како слепци мајката без да знаат која им е таа, без да чуле за страдалникот апостол Павле, побрзаа да ви угодат во тој срам, во тој екстравелепредавнички чин.
И така, цигла по цигла, премиере, ја уривате со сите возможни средства велелепната, изградена од самиот Создател, зграда на македонскиот колективен исконски идентитет. Ние, пак, од Македонски манифест, сакаме да ви кажеме дека нашето Име го решил Бог и дека не постои никакво друго решение за него. Затоа немојте да постапувате како сурови безбожници со него. Знајте дека секое изместување на нашето автентично Име Македонија со буква, префикс, инфикс или суфикс претставува геноциден, етноциден акт и Вие и Вашата влада во таков случај ќе бидете за вечни времиња осудени од вашиот (ако е ваш) народ за идентитетски геноцид врз него. За идентитетски убијци регрутирани директно од Брисел, Вашингтон и Атина за да нè паѓа евентуално историската вина за него врз нив, туку врз Вас! Внимавајте што правите, премиере, откажете се од таа и луда и глупава и геноцидна идеја за менување на Името, доколку не сакате да загинете на губилиштето што ќе ви го крене народот во својата неуништива колективна меморија.
Се надеваме дека ова наше обраќање до Вас и Вашата влада ви разјасни барем малку некои битни работи во врска со архетипот Име и идентитет и дека ќе ве освести да се откажете од идентитетската катастрофа која ЕУ му ја подготви во софистициран манир на третиот (сега Четвртиот нејзин рајх) на македонскиот народ, притоа најперфидно барајќи од Македонците самите идентитетски да се самоукинат. Да, премиере, и зарем токму Вас и Вашата влада ве одбраа како најпогодни да го извршите тој геноциден чин над сопствениот народ? Добро размислете! Ви посакуваме на крајот и на Вас и на Вашата влада добро здравје, но и ум и повеќе морал и етика во новата 2018-та по прашањето што го изнесовме во ова обраќање.
МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст