| четврток, 6 декември 2018 |

Близок роднина на министерката за образование е еден од директорите на М-НАВ

Еден од директорите на Државното воздухопловно претпријатие е зет на министерката за образование Рената Дескоска. Таа за Телма потврди дека Николче Тасески, кој е избран за член на Управниот одбор на М-НАВ и во исто време извршен директор е нејзин близок. Сепак, во ова не гледа судир на интереси, пренесува Телма.

Владата не ги бира директорите на М-НАВ, туку го избира мадзорниот одбор, а надзорниот одбор потоа ги бира директорите. Согласно Законот за спречување конфликт на интереси, изземање се прави кога гласате за лице со кое сте во блиска роднинска врска, а не и кога се гласа за некој кој потенцијално во иднина би одлучувал за избор на некој ваш близок. Во моментот кога се гласа за надзорен не се ни знае кој ќе биде избран за член на управен, односно за директор. Така што тука нема конфликт на интереси.

Како што пренесува Телма, според Законот за спречување судир на интереси под блиски лица е впишано дека се сите кои се во брачна или вонбрачна заедница со службено лице, роднини во крв по прва линија и во странична линија до четврти степен, роднини по сватовство до втор степен како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има приватен интерес. Законот за спречување на корупција пак вели дека кога функционер ќе дознае за околности што укажуваат на судир на интереси треба да побара изземање.

Сепак, овде се отвара прашањето дали Дескоска знаела или не знаела дека надзорниот одбор за кој гласала на седница на влада на 3 август, ден потоа ќе го избере за директор нејзиниот зет.

Тасески за Телма вели дека не се меша во одлуките на Надзорниот одбор и дека тој на оваа функција дошол на предлог на претпријатието како човек со повеќе од 20 години работно искуство. Од Антикорупциската денеска не сакаа да го коментираат овој случај, оти не се запознаени со него. Ни од невладината Транспарентност не сакаше да го коментира оти не е информирана за случајот. Но, од таму ја искоментираа постапката на секретарот на на Владата Драги Рашковски, кој се потпишал до пречкртаното име на еден член на надзорен одбор и додаден во ракопис друг член, зашто како што објасни, се работело за техничка грешка во одлуката на владата, пренесува Телма.

Инаку Телма веќе објави дека надзорниот одбор на М-НАВ бил избран три дена пред распишување на изборите, а управниот и директорите ден пред нивно распишување. На одлуката на Владата е интервенирано, а Рашковски ова го објасни како проблем од службите. Но, според документите кои ги објави Телма во регистарот се впишани само двајца членови на надзорен, но само еден од нив присуствувал на изборот на директори.

ВМРО-ДПМНЕ реагирше за назначувањето на Тасески за извршен директор во М-НАВ уште во септември годинава.

„Вчера ви обелоденивме случај за незаконски разрешувања од страна на Зоран Заев во АД за давање услуги во воздухопловна навигација М-НАВ, каде што незаконски беа назначени новите извршни директори на навигација и техника како и претседателот на Управен одбор, Николче Тасески и Климент Чепуњоски.

Двајцата избрани директори Николче Тасески кој е претседател на управниот одбор како и Климент Чепуњоски се нелегитимни директори со тоа и сите нивни досегашни одлуки се незаконски. Скандалот и незаконитостите добиваат се поголеми размери. Владата на Зоран Заев и СДС се повеќе тонат во беззаконие.

Назначените членови на Надзорен одбор, од 3-ти август кои ги избраа на првата седница Ангел Папеш, Весна Павлов и Едмонд Калиќи дури по неколку обиди не беа впишани во Централниот регистар поради незавршени обврски од страна на еден од членови кон институцијата.

За да биде иронијата поголема, овие тројца членови веќе избрале нови раководни лица во институцијата односно директори кои веќе директоруваат со институцијата, и тие не се впишани како членови на надзорниот одбор во централен регистар, туку од првичните тројца кои што биле избрани на седницата впишана е само Весна Павлов и додаден е Милорад Милановиќ, човек кој воопшто и не присуствувал на седницата на која се избрани новите директори во институцијата М-НАВ“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top