| четврток, 6 декември 2018 |

Никој не му одговори на Мемеди дали на „Дрисла“ завршиле 1.400 контејнери опасен отпад

Пратеникот Реџеп Мемеди од Беса, на денешната собраниска седница за пратенички прашања побара одговор од министерот за животна средина, Садула Дураки, за тоа дали во 2016 година во Македонија од Италија влегол опасен отпад, спакуван во 1.400 контејнери и завршил на скопската депонија „Дрисла“?

-Италијанските медиуми пишуваа дека отпад од Италија, спакуван во 1.300 контејнери, требаше да стигне во „Дрисла“. За расветлување на оваа афера се ангажираше и тамошното обвинителство, а имаше и информација дека отпад спакуван во 1.4000 контејнери, исто од Италија, стигнал до крајната дестинација „Дрисла“? Дали ова е точно, праша пратеникот Мемеди.

Тој истакна дека депонијата „Дрисла“ повеќе од 20 години функционире без да ги исполни соодветните еколошки критериуми.

-Како последица имаме перманентно загадување на воздухот, водата и почвата со што се загрозува животот над 7.000 жители на општина Батинце. Можам да потврдам и посведочам дека има зголемување на респираторни заболувања кај овие жители, рече Мемеди.

Тој потсети и дека во сомнителни услови Градот Скопје во 2012 година избрал концесионер од Италија, кој како што рече, требало да инвестира 73 милиони евра за модернизација, но до денес немале инвестирано ниту едно евро.

Пратеникот не доби одговор бидејќи министерот бил на службен пат, па затоа ќе му се обрати писмено.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top