| четврток, 6 декември 2018 |

Како изгледаа последните оброци на осудениците на смртна казна?

Во 31 сојузна држава на САД, како и во уште неколку држави од светот каде смртната казна е легална, управителот на затворот има обврска да му го исполни барањето на затвореникот да си го порача последниот оброк, пред да му биде извршена смртната казна.

Секако, постојат рестрикции дури и за последниот оброк. На пример, во сојузната држава Флорида оброкот смее да чини до 40 долари, и мора да биде приготвено локално.

Фотографот Хенри Харгривс никогаш не се согласувал со смртната казна, но кога слушнал за приказните на осудениците и нивните желби за последен оброк, се заинтригирал и тргнал да истражува. По истражувањето, открил дека постојат јавни документи каде се запишани барањата на осудениците на смртна казна, но никаде не постојат слики од јадењата.

Поради тоа, решил да ги рекреира овие фамозни последни желби манифестирани во храна на некои од најозлогласените криминалци во историјата на американските затвори.

„За првпат, овие луѓе имаат карактер, имаат личност. Ги рекреирам сликите онака како што замислувам дека се сервирани, бидејќи никаде не пишува дали на осудениците им бил постелен чаршав, ниту пак дали јадењето го јаделе со прибор за јадење“, вели Харгривс.

Во продолжение погледнете неколку од неговите слики од последните оброци на познатите криминалци, онака како што тој ги замислува.

Виктор Фегер (28 години, Ајова) осуден за киднапирање и убиство, смрт со смртоносна инјекција во 1963 – Побарал една маслинка со семката во неа.

Џон Вејн Гејси (52 години, Илиноис) осуден за силување и 33 убиства, смрт со смртоносна инјекција во 1994 – Побарал 12 пржени ракчиња, корпа месо од KFC, помфрит и половина килограм јагоди.

Тед Банди (43 години, Флорида) осуден за силување, некрофилија, бегство од затвор, 35+ убиства, смрт со електрична столица во 1989 – Одбил да побара специјален оброк, па му бил даден вообичаениот последен оброк: стек, јајца на око, тост со путер и желе, млеко и џус.

Ангел Ниевез Дијаз (55 години, Флорида) осуден за убиство, киднапирање и кражба, смрт со смртоносна инјекција во 2006 година – Одбил да порача јадење, му било донесена вообичаената последна порција, но ја одбил и неа.

Рони Ли Гарднер (49 години, Јута) осуден за провала, кражба, две убиства, смрт со стрелање во 2010 – Побарал опашка од јастог, сладолед од ванила, стек и пита од јаболко, го изел јадењето додека ја гледал трилогијата „Lord of the Rings“.

Рики Реј Ректор (42 години, Арканзас) осуден за две убиства, смрт со смртоносна инјекција во 1992 – Побарал стек, пржено пилешко, Kool-Aid од цреша и пита со ореви.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top