| четврток, 6 декември 2018 |

Објавена е книгата за деца „Новиот цар“ од Томислав Османли

Како издание на „Либи“, дел од книгоиздателството „Арс ламина“ од Скопје, објавена е книгата со драмскиот текст „Новиот цар“ од писателот Томислав Османли. Книгата со божиќниот драмски текст за деца го носи поднасловот „Приказна за раѓањето на Царот на царевите“ и претставува инсценација на повеста за раѓањето на Исус раскажана низ 12 сцени, со почетна игра, пролог и епилог. Почетната игра ги претставува традиционалните коледарски песни што се пејат не само во Скопје, ами и низ Македонија.

Книгата „Новиот цар“ од Томислав Османли е проследена со повеќе шарматни илустрации и со постојано присутната сјајна Витлеемска ѕвезда се отвора со најавата „Кога се раѓаат големите цареви, на небото се појавува сјајна Ѕвезда“. Така, Витлеемската ѕвезда, која го најавува раѓањето на малиот Христос, е еден вид постојано присутен лик на дејствието на оваа топло раскажана детска пиеса, која почнува со раскажувањето на ангелот Гавриил. Шармот на пиесата го чини радосниот и разигран начин на претставување на религиозната приказна на Рождеството, блиска до сензибилитетот на најмладата публика.

– Меѓу сите приказни за деца најмногу ми се допаѓаат оние за раѓањето на знаменитите младенчиња, бидејќи со нив се најавуваат големи, возбудливи и важни подвизи на етичните херои – вели авторот Томислав Османли кој, пишувајќи на оваа пиеса, едновремено оствари и еден свој детски сон.

Но, меѓу сите нив најтопло ја чувствувам повеста за раѓањето на Исус зашто неговот подвиг е внатрешен, и пред сѐ морален. За разлика од останатите принцови и кралеви со полубожествени потекла, витлеемскиот богомладенец се јавува како Новиот цар на Добрината и на човекољубивоста. Во времето кога нашиот живот го загадуваат не само Пи-ем честичките туку, пред сѐ, острите социјални поделености, меркантилизмот, егоизмот и профитерството, приказната за раѓањето на царот на добрината и на сочувствителноста со судбините на другите, не губи, туку постојано добива на вредност и вон божиќните контексти…“

Според жанрот пиесата „Новиот цар“ е божиќна мистерија, една од оние предлошки што низ театарските професионални, но и аматерски и училишни сцени, како на земјите од соседството, посебно низ оние на Европа и на прекуокеанскиот свет, се играат пред публиката од стари и млади гледачи и ја одбележуваат атмосферата на божиќните празници. Со појавата на оваа божиќна пиеса, и кај нас се надополнува токму таа празнина на божикниот жанр и празничен контекст. Имено „Новиот цар“ беше напишан, за прв пат објавен и поставен на сцена во далечната 2000-та година и тој е првиот македонски драмски текст не само по повод стапувањето на вториот милениум од раѓањето на Христос, туку воопшто и драмски текст на религиозна тема.

Така, книгата во издание на „Либи“ и „Арс ламина“ со пригоден збор на Билјана С. Црвенковска, уредничка на едицијата за детската литература на издавачката куќа „Арс ламина“ со чијшто потпис, особено во последно време, се појавија повеќе книги за деца, пиесата „Новиот цар“ беше промовирана во книжарницата „Литература.мк“ во Скопје, на првиот ден од Божиќ што во светот но и кај нас, се празнува според грегоријанскиот календар.

Како што истакна Црвенковска, инаку и самата автор на бележити книги за деца, оваа книга секако ќе го привлече вниманието на младите читатели, пред сѐ, во зоната на новогодишните празници, до православниот Божиќ, но секако и по него, известија од „Арс ламина“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top