| четврток, 6 декември 2018 |

Се буди супервулкан кој би можел да ја уништи земјата

Американскиот национален парк Јелоустоун, кој се простира на 8987 квадратни километри на тромеѓето меѓу сојузните држави Вајоминг, Ајдахо и Монтана, е најстариот, а можеби и најпознатиот национален парк на светот. Неговата природа е прекрасна, но тоа што се крие под неговата површина предизвикува поголема возбуда и – страв. Јелоустоун, имено, лежи на врвот на супервулкан.

Вулканот е активен, што се гледа од пареата и водените млазови кои излегуваат од гејзерите на Јелоустоун. Но, и од потресите. Оваа година, за само една седмица, од 12 до 19 јуни, земјиштето на Јелоустоун се затресло дури 464 пати. Иако главно станувало збор за послаби потреси, дури и помали од 1 степен, за некои научници тоа е доволно за паника.

Што е супервулкан?

Супервулкани се всушност вулкани чии ерупции произвеле лава која покрила површина поголема од 1.000 кубни километри. Во САД има три, а ги има и во Индонезија, Јапонија, Нов Зеланд, па дури и во Италија.

Јелоустоун досега еруптирал три пати во 1,2 милиони години, но човекот тоа досега не го видел. Последната ерупција се случила пред 630.000 години. Зошто тогаш некои научници мислат дека следната ерупција нема да се случи за неколку илјади години, како што се очекувало, туку за неколку децении?

Геолошките анализи покажуваат дека магмата може да ги наполни коморите во вулканот многу побрзо и дека ако дојде до тој процес, Јелоустоун би можел да експлодира до 2030 година.

Размери на катаклизмата

Но, дури и ако се предвиди точниот датум на следната ерупција, со сегашните знаења и технолгоија не би можеле да направиме многу за спас. Супервулкан како Јелоустоун има сила во воздух да исфрли 1.000 кубни километри пепел и камења.

Освен што би го прекрил земјиштето на американскиот континент, околу Земјата би се создала обвивка која ќе ги попречува сончевите зраци, па нашата планета ќе влезе во таканаречена вулканска зима. Отровната пареа која ќе се шири ќе содржи сулфурдиоксид, што ќе предизвика кисели дождови. И сето тоа би траело со години…

Опасност во Европа…

Ако мислите дека Јелоустоун е доволно далеку и дека ние во Македонија не мора да се грижиме за неговата ерупција, причина за грижа ни дава уште еден супервулкан, овој пат во Италија.

Станува збор за супервулканот Кампи Фелгреи, во Неаполскиот Залив, кој му се заканува на Неапол и цела Европа од западната страна, додека Везув се заканува од источна страна. Од неговата ерупција човештвото би имало страшни последици. Поради тоа можеме само да се надеваме дека малите знаци на предупредување кои ни ги праќаат вулканите се лажни и дека со оваа опасност ќе се занимаваат нашите потомци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top