| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов за АРМ: Ќе се залагам за зголемување на буџетот

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, истакна дека како Врховен командант ќе се залага за зголемување на  буџетот на Армијата на два отсто, со што ќе се подобри животниот стандард на припадниците на Армијата и ќе се спроведе нејзиното модернизирање.

Ова, како што рече, го бараат новите безбедносни предизвици и нашите аспирации за членство во НАТО. Според Иванов, Армијата на Република Македонија во 2017 година успешно ја изврши својата уставна и законска мисија, истакнувајќи ја нејзината улога во заштитата на јужната граница од заканата од илегална миграција, како и нејзиниот придонес во глобалната безбедност со нашето учество во меѓународните мировни операции.

Посочи дека идната мисија на Армијата на Република Македонија ќе се состои во четири задачи.

– Првата задача на Армијата ќе биде заштита на територијалниот интегритет и границите од илегална миграција и учество на АРМ во мировни операции на Обединетите нации во регионите од каде доаѓаат заканите. Потсетувам дека веќе 29 месеци сме во постојана прогласена кризна состојба за заканата од илегална миграција. Имаме превземена обврска за спроведување на одлуката на ЕУ за да го држиме затворен Балканскиот коридор, рече тој.

Второ, поддршка на полицијата во борба против урбаниот тероризам на целата територија. Оние кои од Македонија заминаа како екстремисти, сега се враќаат како терористи кои ги радикализираат нашите млади. Затоа, мора да има цивилно-воена соработка заради намалување на радикализацијата.

Трето, поддршка на кризниот менаџмент во справување со природни непогоди и загадувања.

-Четврта улога на Армијата ќе биде развој на сајбер-одбраната и градење на систем на превенција и заштита на критичната инфраструктура, рече Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top