| четврток, 6 декември 2018 |

Ако работите 108 години ќе заработите колку еден eвропратеник

Обичните граѓани на Европската унија треба да работаат просечно 55 години за да ја заработаат сумата што еден пратеник во Европскиот парламент ја добива за петгодишниот мандат, околу еден милион евра, објави германскиот портал „Прајсферлајх“ (reisvergleich.de).

Во Луксембург обичниот граѓанин треба да работи 24 години за да заработи колку европратеникот за пет години. На Германецот потребни му се 39 години, на Британецот – 40, на Италијанецот – 45, на Полјакот – 78, а на Бугаринот – 108 години.

Eвропратениците заработуваат повеќе од нивните колеги во националните парламенти во ЕУ. Просечната плата на европратениците е 17.827 евра месечно или 213.924 евра годишно. Тие имаат и други бенифиции, како патни трошоци и други расходи, пари за канцеларија и персонал, така што месечната плата им достигнува до 21.209 евра месечно
или 254.508 евра годишно.

Според истражувањето еден европратеник за петгодишниот мандат добива 1.069.622 евра.

Просечниот приход на граѓаните во ЕУ е 21.844 евра годишно, што значи дека европратениците заработуваат 878 проценти повеќе од обичниот граѓанин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top