| четврток, 6 декември 2018 |

Нути: Пандев ме разочара, уште колку шанси ќе промашува?

Екипата на Џенова со победа ги заврши домашните настапи во 2017 година, откако на домашен терен со минимални 1-0 го совлада „фенерџијата“ во Серија А, Беневенто.

Момците на Балардини до новите три бода стигнаа во 92. минута, кога Лападула беше прецизен од пенал, но Џенова можеше многу поубедливо да слави, доколку нашиот Пандев реализираше барем една од неколкуте шанси, што ги имаше на овој меч.

Поради пропуштените прилики нашиот репрезентативен капитен беше мета на критики кај домашната јавност, а меѓу најгласните беше директорот на една локална телевизија во Џенова, Бепе Нути.

-Колку шанси уште ќе промаши Пандев? Секому му се случува, видовте што промаши Шик против Јуве. Горан ме разочара, но сепак цел натпревар беше фокусиран. Би им дал слаби оценки на фудбалерите од средниот ред. Само Лаксалт доби половина оценка повеќе заради спасениот гол од гол-линијата. Одличен беше Споли, според мене играчот на натпреварот. Балардини ги погоди замените, иако мислам дека некои беа малку задоцнети, вели Нути.

Џенова и Пандев својот последен настап оваа година ќе го имаат во Торино, на 30 овој месец, кога ќе се сретнат со избраниците на Синиша Михајловиќ во рамките од 19. коло на Серија А.


Извор: Гол.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top