| четврток, 6 декември 2018 |

Гласањето на Албанија во ООН, ги скара Рама и Мета

Албанскиот претседател Илир Мета го обвини премиерот Еди Рама дека гласањето на Тирана во ООН против одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Ерусалим за главен град на Израел, е одлука која не е донесена од страна на надлежните институции.

Мета изјави дека за ставот на Албанија во ООН, воопшто не бил консултиран и додаде дека тоа е одлука на премиерот Рама.

Мета смета дека гласањето на Албанија против САД е на штета на Албанија, бидејќи САД е стратешки партнер на Албанија.

Обвинувања на адреса на Владата во Тирана има и од страна на опозицијата. Лидерот на Демократската партија Љулзим Баша изјави дека направена е голема грешка, бидејќи Албанија во континуитет дава поддршка на Вашингтон и политиките на САД во светот.

Албанското МНР во соопштение информираше дека гласањето на Албанија во ООН е во согласност со политиката на ЕУ.

Притоа во соопштението се нагласува дека гласањето околу одлуката на Трамп, не е вперена против САД.

Албанските аналитичари оценуваат дека кавгата на власта и опозицијата, како и обвинувањата на претседателот на државата вперени против премиерот, се повеќе покрај другото имаат и за цел профитирање и политички поени за поентирање во и така вжештената политичка клима во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top