| четврток, 6 декември 2018 |

Амбасадорот Тимоние со критики до власта за притворањето на пратеници: Во Франција не можам ни да замислам такво нешто

Мислам дека притворањето на пратениците без претходно да им се одземе имунитетот е грешка. И мислам дека тоа не беше ни посакувано од највисоките власти во државата. И со сета почит кон судската власт, ми се чини дека тие треба да се водат во постапките со чувство на одговорност, зашто така се дава слика на Македонија надвор. Во Франција не можам ни да замислам такво нешто, ама такви настани мислам дека и таму би предизвикале најсилни реакции. Од друга страна, друго е прашањето дали е навистина корисно да се притворат и лица за кои можеби и покрај тоа што имаа период да побегнат од земјата, останаа во земјата, вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во интервју за МКД.мк.

Запрашан дали ова притворање не е баш корисно за земјата, Тимоние вели:

-Не сакам да судам за начинот на кој функционира судскиот систем во Македонија затоа што тоа ќе нè однесе многу далеку, но самиот си се прашувам дали е политички интелигентно да се донесе таков вид одлука. И уште еднаш ќе кажам дека ќе треба лицата што се обвинети да бидат осудени и нивниот степен на одговорност да биде точно утврден, а квалификувањето на актите што ги спровеле да бидат сепак во разумни мерки во однос на одговорноста што ќе им биде наметната.

Сите 36 лица во случајот се осомничени за тероризам…

-Да, и ми објаснија дека со таа квалификација овде опфатот е многу поширок отколку во мојата земја. Кај нас тоа би се сметало сепак за претерано. Но на некои од нив би можеле да им се припишат други квалификации за сето она што го направиле. Од она што јас го видов, без прецизно да навлегувам во сите индивидуални случаи, ми се чини дека сепак природата на активноста на сите 36-мина и степенот на одговорност се сосема различни.

Запрашан што се се случува со процесот „Жан Моне“. Можно ли е да се случи најавуваната средба или иницијативата пропадна, амбасадорот вели:

-Во политиката не може да кажеме дека една иницијатива пропаднала додека не се затвори, а уште помалку кога уште не почнала. Само ќе ви кажам дека нема да затвориме ниту една врата. За неколку дена одам за Париз и побарав состанок со директорот на куќата на Жан Моне, за секој случај, за секаква евентуална разврска.

Но во моментов гледате во каква состојба е ВМРО-ДПМНЕ, не знам ни кои би биле соговорници од нивна страна. Треба да знаеме со кого ќе разговараме. Воопшто и не знам кој би бил слободен да влезе во таков вид преговори. Еден од првите услови е барем луѓето да си го имаат пасошот, ако треба да патуваат. А овде лесно се конфискуваат пасошите.

Навистина основната работа е да се смени судскиот систем за да може да се спроведат европските обичаи. Но и треба да се види политичката димензија во однос на одредени судски постапувања. Во оваа земја политичката состојба е посебна и ако половина земја смета дека другата половина треба да биде во затвор и обратно, тогаш ќе биде многу тешко да се изгради нешто заедничко во однос на општиот интерес. Треба повторно да се воспостави довербата меѓу граѓаните околу заедничките вредности. Често зборуваме за интеграција во НАТО и во ЕУ, а јас би сакал да кажеме нешто за интеграција помеѓу заеднички вредности што ги споделуваат сите, зашто во моментов имаме впечаток како Македонците да чекаат пред некој шалтер и велат „имаме право да влеземе“.

Целото интервју прочитајте го на МКД.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top