| четврток, 6 декември 2018 |

Макрадули: Потребни се 380 милиони евра за да се намали аерозагадувањето во Скопје

Околу 380 милиони евра или дневно по 50 денари ќе треба да одвојуваат скопјани и Градот Скопје за да се намали загадувањето на воздухот до 2025 година, сметаат експертите кои денеска присуствуваа на презентација на истражувањата и мерките на трибината во Штип што ја организираше заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

– Предлагаме три мерки, а тоа се ефикасни домови, односно изолација на домовите, обнова на уредите коишто се користат за греење и приклучување кон топлификацискиот систем, односно поголемо искористување на топлификацискиот систем. Тоа, според некои наши пресметки, излегува околу 380 милиони евра, или отприлика во овој период од 2017 до 2025 година по 50 денари дневно секое семејство во Скопје треба да одвојува за да се реализираат овие мерки, изјави Александар Дединец од Македонската академија на науките и уметностите.

Забележа дека доколку граѓаните и градот Скопје инвестираат во изолација на објектите, замена на печките на дрва со печки на пелети или на друг посовремен начин на греење и поголемо приклучување на семејствата на топлификацискиот систем, тогаш загадувањето на воздухот ќе се намали за 50 проценти во однос на загадувањето во 2015 година. Лидер во делот на аерозагадувањето е општината Гази Баба, а потоа следуваат Сарај, Кисела Вода и Бутел.

– Голем дел од средствата треба да доаѓаат од граѓаните, но мора да има поддршка и од Владата, Градот Скопје и од општините поединечно. Тоа е еден континуиран процес во кој треба постојано да инвестираме за да може да се намали загадувањето до 2025 година, вели Дединец.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули посочи дека последиците од аерозагадувањето ја чинат државата 325 милиони евра на годишно ниво и оти секоја инвестиција под овој износ, ќе значи дека е исплатлива.

Тој посочи дека веќе имаат мапирано неколку локации во Скопје каде што експериментално ќе се применат предложените мерки од научната фела.

– Со помош на УНДП сакаме тоа практично да го покажеме. Лоциравме неколку места во Скопје кадешто со промена на типот на загревање ќе покажеме дека проблемот може да се реши. Се разбира, го имаме предвид социјалниот аспект. Но, здравјето на граѓаните, пред се е доминатно во политиките на Владата, рече Макрадули.

Професорот Дејан Мираковски од Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, кој учествувал во истражувања и анализи во неколку студии за загадувањето на водухот во Скопје, истакна дека најголеми загадувачи се домаќинставата, односно начинот на кои тие се греат и затоа во овој дел треба да се преземат најитните мерки.

На денешната трибина беше забележано дека според податоците на Светската здравствена организација годишно од загадувањето умираат околу 1.300 граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top