| четврток, 6 декември 2018 |

Ордановски за парното: Според најавите на Анѓушев, гледам се подготвува шемата некој дебело да се „омрси“

Сашо Ордановски, кој е еден од најгласните поддржувачи на партијата на Зоран Заев, излегува со жестоки критики за работата на актуелната влада предводена токму од лидерот на СДСМ.

Во врска со информациите за поскапување на парното и калориметрите за парното греење кои треба да ги плаќаат граѓаните, Ордановски потенцира дека Владата подготвува шема за некој дебело да се „омрси“.

-Според најавите на потпретседателот на Владата Кочо Анѓушев, гледам дека веќе се подготвува шемата за тоа како некој дебело да се „омрси“ од купувањето на калориметрите за парното греење. Оти, ако се плус/минус 50 евра од радијатор, навистина се работи за голема сума на пари – што, на крајот, ќе ја платат граѓаните, ја од свој џеб (можеби, додуше, на рати, преку покачените сметки за парно, што да ти била една голема поволност!), ја преку државниот буџет, односно од „задниот“ џеб на истите тие граѓани, само што така државата ќе има контрола врз тендерите за набавка на калориметрите. Сигурација, пишува тој во својата најнова колумна.

Ново поскапување од Владата на Заев, Тевдовски и Анѓушев: Парното ќе поскапе 30 %, веќе поскапуваат дизелот, паркингот, струјата и водата

БЕГ најавува дека парното ќе поскапи за 30% . Во изјава за Алсат, од компанијата велат дека за да плаќате иста сметка, по воведувањето на калориметрите ќе треба да го загревате домот 30% помалку.

Корисник кој живее во просечен стан од 60 метри квадратни ќе почне да остварува финансиски заштеди доколку заштедите на топлинска енергија изнесуваат над 30% на годишно ниво, односно при 30% заштеда на енергија, финансиската заштеда изнесува 0%. За остварување 35 отсто заштеда на енергија потребно е просечната собна температура да се намали за 5 степени Целзиусови, што е под стандардите за здраво живеење.“ – велат од Бег за Алсат.

Од Владата велат дека граѓаните мора да почнат да штедат бидејќи така е во цел свет.

„Да се намали со поевтини енергенси, да се намали со изолација. Значи цел свет оди во тој правец, не можеме ние да одиме дивергентно. Како сега, ние што да речеме? Трошете енергија, нема проблем, не треба да мислите на изолација на куќите, не треба на ништо да мислите, само евтина енергија трошете“, вели Анѓушев за Алсат.

Калориметрите според пресметките ќе чинат по 300 евра по стан. Од Владата најавија дека товарот нема да падне на граѓаните.

Нафтата ќе биде поскапа за 3 денари: Собранието одлучи, акцизата се зголемува

Со 47 гласа „за“ и 25 „против“, Собранието ги изгласа измените на Законот за акцизи со кој од 1 јануари ќе се зголеми акцизата на нафтата за три денари.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, изјави дека не се очекува никакво инфлаторно придвижување и дека граѓаните можат да бидат мирни.

-ЕУ ова го препорачува и заради намалување на загадувањето кое го предизвикуваат овие горива. Со овие предлог измени ќе се остварат и дополнителни приходи во буџетот. Важно е што паралелно ќе се оди со зголемување на акциза на црвената нафта за три денари, затоа што ако се зголеми распонот меѓу дизелот и црвената нафта може да дојде до злоупотреби на црвената нафта, рече Тевдовски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека целта на зголемената акциза не е за да се намали загадувањето, туку за да се наполни државната каса.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, пак рече дека смешно и понижувачко е образложението дека зголемувањето на дизелот е како мерка против загадувањето. Оваа мерка, рече таа, не беше предвидена во предизборната програма на СДСМ.

Велат дека ова најмногу ќе ги погоди земјоделците и таксистите.

ЕВТИН ТРИК НА СДСМ: Изборите поминаа, власта ја укинува евтината струја

Кога домаќинствата ќе излезат на слободниот пазар кон крајот на следната година, евтината тарифа на струјата нема да постои, барем не во оваа форма.

Дали ќе има евтина тарифа од 14 до 16 часот во работни денови и цел ден во недела ќе зависи од понудата на снабдувачот кој ќе го избере секое домаќинство. Понудите можат да вклучуваат и различни термини за евтина струја, но тоа неизбежно ќе значи и ново подесување на електронските броила.

Анѓушев тврди дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија нема да значи поскапување на струјата, напротив, поголемата конкуренција ќе ги намалела цените. Тој напомена дека ЕЛЕМ и МЕПСО нема да се приватизираат, но дека за ЕЛЕМ да го задржи чекорот со конкурентите од странство и да ги натера снабдувачите да купуваат струја од домашно производство треба драстично да ги  скрати непродуктивните трошоци.

Од Европската енергетска заедница велат дека новиот Закон за енергетика ги исполнува речиси сите нивни барања. Македонија успеала да ги исполни обврските и да ја усогласи регулативата во енергетскиот сектор согласно европската. Енергетската заедница ќе ги анулира двата спора што ги отвори бидејќи земјава, според нив, не го почитувала правото на слободен избор на граѓаните.

Законот за енергетика треба да биде усвоен до крајот на март. Меѓу другото тој предвидува за оние граѓани кои нема самите да изберат снабдувач, струја да обезбедува таканаречен „универзален снабдувач“, фирма која ќе се избира на тендер на секои 5 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top