| четврток, 6 декември 2018 |

До 10 години затвор за „телефонските терористи“ во Русија

Руската Државна дума денеска во трето читање усвои закон со кој се зголемува максималната казна за т.н. „телефонски тероризам“ од пет на 10 години затвор.

Пратениците одобрија амандмани на Кривичниот законик, со кои се предвидуваат три до пет години затвор за „намерна лажна дојава“ за подготвување напад врз објекти од социјалната инфраструктура – училишта, здравствени установи и друго или ако тоа предизвика штети поголеми од над еден милион рубљи (околу 14.400 евра).

За лажни дојави чија цел е „дестабилизирање на активностите на властите“, казните ќе бидат од шест до осум години затвор.

Законот воведува максимални казни за случаи кога лажни дојави за напади ќе предизвикаат смрт на луѓе или други тешки последици. Во таква ситуација „телефонските терористи“ во Русија ќе бидат осудувани на осум до десет години затвор, а не до пет години, како досега .

Според пратеникот Павел Крашениников, еден од поднесувачите на законот, по 11 септември годинава Русија ја зафати бран „телефонски тероризам“. Тој потсети дека во Москва и во другите градови во земјата беа евакуирани училишта и болници, трговски центри, хотели, административни згради и други објекти.

Само во периодот од 11 до 25 септември во Русија беа евакуирани околу 450 илјади лица по речиси 1.000 анонимни дојави за „минирани“ објекти, а штетите се најмалку една милијарда рубљи (14,4 милиони евра).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top