Тендерот на Министерството за одбрана за набавака на мазут од јуни годинава го доби компанијата „Пуцко петрол” ДООЕЛ од село Пласница. Според Републичката комисија за енергетика „Пуцко петрол“ не ги исполнувал основните услови за учество на овој тендер, дознава МКД.мк. Порталот побарал одговори од МО и РКЕ, а од министерството му одговориле дека сега, по завршувањето на целата процедура околу тендерот, поднеле официјално барање до „Пуцко петрол“ и до РКЕ за одговор на прашањето дали компанијата од Пласница има или нема лиценца за мазут.
Критериум за избор на најповолната понуда на овој тендер била најнискатаа цена, одговориле од МО.
„На 14 јуни годинава објавен е оглас на МО за доделување на јавна набавка на мазут, делива набавка од 7 дела од кои 6 дела по гарнизони и 1 дел за враќање на позајмица на Дирекција за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати. Критериуми за учество во постапката кои треба да ги исполнат економските оператори се исклучиво задолжителните согласно Законот за јавни набавки“, велат од Министерството за одбрана.
На тендерот се јавиле само две фирми – „Макпетрол“ и „Пуцко петрол“. Двете фирми се квалификувале и учествувале на е-аукцијата. Најниска цена понудил „Пуцко петрол“, немало жалби на тендерот, па МО склучило договор со „Пуцко петрол“. А за ова, според МО, било прибавено и мислење од Советот за јавни набавки согласно тогашната законска процедура, пишува МКД.мк.
Порталот забележува дека во целата оваа постапка чудно е тоа што никој не забележал дека „Пуцко петрол“ има лиценца за вршење на енергетска дејност – трговија со нафта и нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт издадена од Регулаторната комисија за енергетика, но без мазут. Обично, во лиценците на оние компании кои сакаат да се занимаваат и со трговија на мазут, тоа е назначено. Тоа, всушност, значи дека таа компанија има или нема резервоари за мазут за да може да ги исполни условите на овој тендер.
Во случајов тоа не го пишува во лиценцата на „Пуцко петрол“. Оваа компанија има „лиценца за вршење на енергетска дејност трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт УП1 бр. 11-11 од 13.04.2011 година“.
Од Републичката комисија за енергетика за МКД.мк дека во случајов „Пуцко петрол“ не бил квалификан да конкурира на овој тендер.
„Со оглед на тоа што друштвото за производство, трговија и услуги „Пуцко петрол“ не поседува лиценца за вршење на енергетската дејност трговија на големо со Mазут M-1 HC, а имајќи ја предвид одредбата од член 148 став (1) од Законот за јавни набавки во која се наведува дека договорниот орган бара секој економски оператор да достави документ за регистрирана дејност како доказ дека е регистриран како физичко или правно лице за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за јавна набавка или доказ дека припаѓа на соодветно професионално здружение согласно со прописите на земјата каде што е регистриран, и став (2) од истиот член при утврдување на способноста за вршење професионална дејност на економските оператори договорниот орган бара и доказ издаден од надлежен орган за исполнување на посебните услови за вршење на дејноста пропишани согласно со закон кои се однесуваат на предметот на договорот, цениме дека во конкретниот случај компанијата не би можела да се смета за квалификуван понудувач од страна на договорниот орган кој ја спроведува постапката за јавна набавка“, одговориле од Републичката комисија за енергетика за МКД.мк.
На повторно обраќање, од Министерството за одбрана, пак, МКД.мк добил одговор дека „Пуцко петрол“ има лиценца за вршење на енергетска дејност трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт.
„Во точка 2 од диспозитивот на одлуката на РКЕ стои дека правата и обврските на носителот на лиценцата се утврдени во прилог 1 кој е составен дел на Одлуката. Диспозитивот на Одлуката гласи дека е издадена лиценца и не е прецизирано на што таа се однесува, туку е дадена како лиценца за вршење на енергетска дејност. Во прилог бр. 1 кој е составен дел на одлуката со наслов „Вид и обем на енергетската дејност што ќе се врши“ стои: со оваа лиценца се определуваат условите за вршење на дејноста трговија со сурова нафта нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт. Како трговија на големо во смисла на оваа лиценца се смета купување од земјата и странство на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и /или горива за транспорт, заради натамошна продажба на трговци, преработувачи или потрошувачи во земјата и странство“, велат од МО.
Тие заклучуваат дека Комисијата за јавна набавка ја оценила понудата од понудувачот „Пуцко петрол“ како прифатлива во однос на исполнување на условите за квалификација, а по спроведената електронска аукција и како најповолна во однос на постигната најниска цена.
„Пуцко петрол“ со понудата за дополнителниот услов има доставено и завeрена копија од одлуката за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт УП1 бр. 11-11 од 13.04.2011 година. „Лиценцата гласи за вршење на енергетска дејност трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, што значи во содржината на одлуката односно лиценцата е ставена општа клаузула и од истата не може да се заклучи дека се ограничува трговија на кој било нафтен дериват, вклучително и мазут“, дополнуваат од Министерството за одбрана.
Ова значи дека Комисијата за јавна набавка на МО заклучила дека понудувачот покрај за другите нафтени деривати има лиценца и за мазут, бидејќи во диспозитивот на одлуката стои општа клаузула и од истиот не може да се заклучи дека понудувачот нема лиценца за мазут.
Сепак, по преглед на документите и одговорите од Републичката комисија за енергетика, јасно е дека „Пуцко петрол“ нема лиценца за мазут, односно нема резервоари за мазут, што е неопходен услов за учество на ваков тендер. Во регистерот на РКЕ има компании во чија лиценца е наведено дека важи и за мазут, односно дека компанијата ги исполнува условите и за трговија со мазут.
„Согласно доставената документација од понудувачот, Комисијата немала елементи или индикации врз основа на кои би се посомневала дека понудувачот не ги исполнува условите, па заклучила дека истиот ја докажал својата способност согласно барањата во тендерската документација. Одговорноста за неточни податоци или непотполна доставена документација до Комисијата за јавна набавка паѓа на товар на понудувачот“, дополнуваат од МО.
А одговорноста за квалификување на некој понудувач без соодветна лиценца за тоа, е на оној кој го распишува огласот.
МО информирааt дека тендерот сѐ уште не почнал да се реализира.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст