| четврток, 6 декември 2018 |

Марин ќе сади пауловнија за почист воздух во Аеродром

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин денеска презентираше 12 краткорочни и долгорочни мерки против загаденоста на воздухот. Општина Аеродром за 20 пати го зголемила Буџетот за заштита на животната средина, во споредба со минатата година и ќе изнесува 20 милиони денари.

До крајот на годинава ќе се постават прочистувачи на воздух во сите 9 занимални во детската градинка „Сонце“ како донација од АД Електрани на Македонија, додека на почетокот на 2018 година, Општината ќе обезбеди прочистувачи на воздух за сите други градинки во Аеродром со средства од сопствениот Буџет.

Општинските инспектори работат во две смени, и викенди и тоа од 08:30 до 22:00 часот.  Општината спроведе редовни и вонредни контроли на автосервисите на територијата на Аеродром. Извршен е надзор на 28 автосервиси и е констатирано дека сите имаат договори за преземање на маслото и посебни садови каде што го складираат.

Во моментов се врши и контрола врз сите угостителски објекти на територија на Општина Аеродром, со цел да се обезбеди евиденција за начинот на греење за секој од нив и да се утврди дали ги исполнуваат потребните еколошки критериуми.

Ќе се набават филтри за оџаци или катализатор за горива за градинките и училиштата, кои сè уште се греат на нафта. Во меѓувреме ќе се изработи стратегија за да се сменат системите за греење и да се постават енергетско ефикасни фасади на овие објекти.

Со помош на мобилна мерна станица ќе се мери квалитетот на амбиенталниот воздух на 25 локации во Општината, со цел да се утврдат изворите на загадување.

Општината ќе нуди и чистење оџаци, донации за еколошки огрев, субвенции за набавка на алтернативни системи за греење (инвертер-клима уреди, печки на пелети…).

Најавено е садење големи површини со дрвјата Pauwlnia tomentosa за прочистување на воздухот и почвата и производство на еколошки огрев (Особини на Paulownia tomentosa: големи листови до 75 сантиметри, голема површина за апсорпција, 10 пати повеќе апсорпција на CO2 и тешки метали од просечнo дрво, широк корен – ја прочистува почвата, годишно апсорбира по 22 килограми CO2, а ослободува 6 килограми О2, прочистува илјадници кубни метри воздух).

За набавка на нови дрвја Општината предвидела 8 милиони денари.

Ќе се постави еко-билборд на платото пред ТЦ „Бисер“ како донација од „Триглав осигурување“ и „Еко свест“), а се разгледуваат и други локации. Станува збор за иновативна вертикална структура од мов, која претставува комбинација од специфични култури на мов со васкуларни растенија кои ја собираат ситната прашина (ПМ10 и ПМ 2,5), азотни оксиди и озон. Исто така, неутрализира 240 тони CO2 годишно, го компензира загадувањето од 471 автомобили на годишно ниво и има ефект како 275 дрвја.

Доколку два последователни дена ПМ10 честички се присутни со над 200 µg/m3 (микрограми на метар кубен), ќе има ограничување на работите на објектите каде што се гради.

Најaвено е и редовно чистење на јавните површини и понатамошно расчистување на дивите депонии.

Во тек се преговори со Министерство за животна средина и просторно планирање и UNDP за реализација на таканаречена улица со „нула емисии“, која вклучува промена на системи за греење и обезбедување енергетска ефикасност на одбрани објекти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top