| четврток, 6 декември 2018 |

Инцидент на граничен премин: На влез во Македонија, Албанец избегал со црна најлонска кеса

На граничниот премин „Блато“, вчера околу 18,40 часот за влез во Република Македонија се пријавил К.Е.(24) од Албанија кој управувал патничко моторно возило „Мерцедес“ со албански национални ознаки.

По извршената пасошка контрола, лицето со возилото се упатило на Царинска контрола и од извршената контрола од страна на цариникот било забележано нешто сомнително во возилото и веднаш од негова страна било побарано асистенција од полициски службеници од Граничниот премин. Во истиот момент од страна на полициски службеници било забележано друго лице кое било исто така во возилото како се обидува да побегне носејќи со себе една црна најлонска кеса, и се упатува кон долниот дел од граничниот премин во правец на соседна Албанија.

Од страна на мешовита патролна служба со албанските полициски органи бил извршен преглед на теренот меѓутоа лицето не било пронајдено. Околу 21 часот од страна на една од патролните групи во правец каде што лицето се дало во бегство, во непосредна близина на граничниот премин, при преглед на теренот пронајдена била една најлонска кеса обвиткана со самолеплива лента со растителна материја со тежина од околу еден килограм.

Местото на настанот било обезбедено од страна на полициски службеници и од страна на увидна екипа од Полициската станица Дебар бил извршен увид а најлонската кеса е подигната од местото.

Врз возилото и второто лице извршен бил преглед и претрес при што пронајдена била една лична карта на име на Ч.А. од Р.Албанија и извршен бил разговор со возачот К.Е., кој што изјавил дека не го познавал лицето и дека истото се качило во возилото во граничната меѓузона.

Од страна на мобилната екипа од царината бил направен дополнителен претрес на возилото при што било пронајдено една патна исправа на име Ч.А. и еден мобилен телефон и околу два грама тревкаста материја. Лицето, возилото, кесата и предметите се предадени со потврда за предавање на лица и предмети на полициски службеници за понатамошна постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top