Денес се смета дека од 7 до 10 отсто од целокупната популација во светот се лица со некој вид хендикеп. Овој број во неразвиените земји и земјите во развој е далеку поголем. Секоја модерна држава се труди да ѝ помогне на оваа популација со воведување одредени бенефиции со цел овие лица да можат што подостојно да ги надминуваат препреките низ животот.
Во Македонија се проценува дека околу 10 отсто од вкупната популација се лица со посебни потреби кои се соочуваат со многу бариери во секојдневниот живот. Архитектонски бариери, социјалната исклученост и маргинализираност, недоволен пристап до можностите за вработување и недоволна здравствена заштита, се само дел од секојдневните проблемите на оваа категорија граѓани.
Токму затоа здруженијата и организациите на лицата со хендикеп постојано апелираат дека е потребна неодложна акција за целокупна афирмација, социјализација и подобрување на животниот стандард на лицата со хендикеп, од сите граѓани, но пред се од надлежните јавни институции.
Кампањата наречена „Некултурата не е инвалидитет“ има за цел да ја подигне свеста на населението за правата на луѓето со инвалидитет и тоа конкретно за правото да можат да ги користат паркинг местата кои се наменети за нив.
Со кампањата паркинг местата наменети за лицата со инвалидитет во Сити мол сега се означени со балони, а на возилата на оние кои и покрај ознаките сепак ќе се паркираат на овие места, ќе бидат оставани посебни налепници за некултурното однесување. Иницирана е и поголема соработка со Министерството за внатрешни работи, кое ја поддржа кампањата бидејќи за узурпирање на местата за инвалиди се предвидени и казни во висина од 180 евра или 40 негативни бодови. Од Министерството апелираат граѓаните да бидат совесни и хумани и да не ги узурпираат местата за лицата со инвалидитет, како и за тоа ваквите случаи да се пријавуваат на бројот 192.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.