| четврток, 6 декември 2018 |

Средба Иванов-Сијарто: Потребно е продлабочување на соработката меѓу Македонија и Унгарија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата беше изразено задоволство од севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Унгарија кои ги карактеризираат искрено пријателство, взаемно разбирање и почит, како и надеж дека во наредниот период ќе се продлабочи започнатата активна соработка особено во сферата на економијата и трговската размена.

Македонскиот претседател изрази благодарност за цврстата и континуирана поддршка која Република Македонија ја добива од Унгарија како земја членка на НАТО и на Европската Унија, во однос на нашите стратешки цели, евроатлантските интеграции.

„Залагањето, соработката и солидарноста која Унгарија ја рефлектира во однос нашите аспирации во НАТО и во ЕУ, е пример како треба да изгледа односот на земјите – членки кон земјите – кандидати. Унгарија е една од најзначајните партнери и пријатели на Република Македонија и тој однос треба да се негува и да продолжи во иднина”, истакна претседателот Иванов.

Во тој контекст, министерот Сијарто ја нагласи неопходноста од динамизирање на евроатлантските процеси на Република Македонија и ја повтори силната унгарска поддршка, за Република Македонија да го добие заслуженото место во НАТО и да ги почне пристапните преговори со ЕУ час поскоро.

Претседателот Иванов ја истакна конструктивната улога која Унгарија ја има во менаџирањето на бегалската и мигрантската криза, преку нејзината соработка и помош изразена во полициски сили и опрема со цел поефикасна заштита на нашата јужна граница, за што, во многу прилики досега е искажана благодарност од македонска страна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top