| четврток, 6 декември 2018 |

Партиите ја користат религијата во предизборните кампањи

Политичките партии помалку или повеќе ја користат религијата во своите предизборни кампањи, сметаат 54,4 отсто од учесниците во телефонската анкета на тема „Религијата во политички кампањи – Користењето на религијата во предизборни кампањи“. Од испитаниците, 30,1 отсто сметаат дека генерално религијата малку или воопшто не се користи во предизборните кампањи.

Анкетата е спроведена минатиот месец на национално ниво  од страна на Институтот за политички истражувања-Скопје, на примерок од 1.100 испитаници. Владимир Божиновски од Институтот на прес-конференција на која ги презентираше резултатите, истакна дека 35,9 отсто од испитаниците сметаат дека религијата сега повеќе се користи во предизборните кампањи на политичките партии, според 18,2 отсто таа се користи помалку, а за 30,3 отсто е исто како и претходно.

– Само 6,9 отсто сметаат дека користењето на религијата и религиозните симболи имаат влијание за кого да се определат на денот на гласање, а ист процент сметаат дека религијата донекаде може да влијае на нивниот избор. Од друга страна 7,8 отсто сметаат дека таа има многу мало влијание, а 73,5 отсто сметаат дека нема никакво влијание во однос на нивниот политички избор на денот на изборите, рече Божиновски.

Според испитаниците, религијата најмалку се користи во политичките кампањи на СДСМ, потоа следат ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА.

– Најголем дел од испитаниците – 70,5 отсто (69,8 отсто од православните и 77,7 отсто од муслиманите) одговориле дека користењето на религијата во кампањите претставува злоупотреба на религиозните чувства на граѓаните, додека 11,1 отсто (9,7 отсто од православните и 15,5 отсто од муслиманите) сметаат дека тоа е дел од нормалното политичко претставување, посочи Божиновски.

Потенцира дека 38,4 отсто од испитаниците сметаат дека има политички пораки во јавните настапи на верските лидери, а 33,1 отсто сметаат дека нема. Според резултатите од анкетата, 43,9 отсто од испитаниците се изјасниле дека политичките партии придонесуваат кон создавање конфликти и поделба меѓу луѓето врз база на верската припадност, а само 7,9 отсто го мислат спротивното.

Марјан Николовски од веб порталот религија.мк на прес-конференцијата рече дека станува збор за истражување прво од ваков тип во Македонија.

– Идејата е да се направи еден континуитет на истражувањата на перцепцијата на граѓаните за работата на верските заедници во општеството, затоа што сметаме дека верскиот живот во Македонија е една компонента која е многу значајна и чувствителна и секоја злоупотреба или употреба во негативен контекст често пати знае да предизвика флуктуации кои може да бидат од негативен карактер, рече Николовски. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top