| четврток, 6 декември 2018 |

„Македонски манифест“ бара од амбасадорите непристрасно расветлување на случајот „36 терористи“

Известување (протестно писмо) за случајот „36 терористи”неправедно жигосани со тој поим и осудени на притвор од актуелната влада на Република Македонија

Ние долу потпишаните (поети, музичари, режисери, правници, универзитетски професори) од Здружението на интелектуалци Македонски манифест сме должни да ве известиме за еден претерано суров одмазднички акт на актуелната влада на Република Македонија. Имено, на 28 ноември 2017 година нејзиното судство и полицијата уапсија, приведоа и притворија 36 лица за тероризам, ставајќи ги во притвор до рокот на нивното судење кој се уште не е објавен.

Станува збор за лица кои учествуваа во протестите пред и  во Собранието на Република Македонија на 27 април оваа година во кои имаше неколкумина полесно повредени, меѓу кои и Премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Нешто посериозно од нив беше повреден пратеникот Зијадин Села, но и тој по неколкудневен престој во болница беше пуштен целосно здрав.

Тоа е се. Упадот во Собранието тој 27 април беше резултат на насобраното незадоволство на народот кој пред тоа протестираше гандиевски мирно под мотото “За заедничка Македонија“, а во одбрана на нејзиниот суверенитет и мултикултурен интегритет, кој го нарушува албанскиот политички фактор со форсирањето на таканаречената “тиранска платформа“ изработена во Тирана, Албанија. Во неа наместо мултикултуралност во суверена македонска држава се заговара редефинирање на државата по повеќе основи, кои водат кон отворена агресивна федерализација, план во кој им иде на рака и политиката на актуелната влада на РМ. Мирниот народ кој протестираше според сите цивилизациски норми на култура и свест за политички, правни и етички стандарди според критериумите на Европа чија демократска традиција се потпира пред се на епохата на просветителството, беше изреволтиран од криминалниот избор, неуставен и антидемократски, вон сите правни и други процедурални норми за тоа за спикер на Собранието, Талат Џафери. Притоа, тоа е и човек со дебело терористичко досие од крвавата за Македонците 2001ва година. Но тоа не ги револтира толку многу протестантите, колку што ги револтира неговиот криминален избор за спикер во Собранието. Тоа ја прелеа чашата и тоа беше главната причина за иницијалната каписла за експлозија и влегување на толпата во Законодавниот дом, кој во овој случај воопшто не го почитуваше и насилнички го изигра законот не почитувајќи ги процедуралните и правни норми за тоа.

Почитувани, не велиме дека го оправдуваме тој акт на дел од граѓаните, иако историјата и на Европа, и во минатото и денес, е преполна со такви народни буни за правда и праведност, но исто така не го оправдуваме ни анти цивилизацискиот, вон европските демократски норми, избор на спикерот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери. А, всушност, имено тоа е и причината за револтот на народот на 27 април, и неговиот упад во Законодавниот дом кој му рече НЕ на законот. За жал, почитувани.

Да. И сега кога е донесена пресуровата осуда на учесниците од народот во тој немил настан, гледаме дека воопшто не е ни спомната ни разгледана причината за него. Не е воопшто направено длабинско снимање на истиот. А притоа во тој мал хаос некој од Албанците во власта ја пееше во Собранието, казниво по законот, химната на туѓа држава, албанската, долевајќи бензин на револтот. А, него, бидејќи е член на владината коалиција, го нема меѓу осудените. Нити ќе го има.

Почитувани, за среќа брзо мина таа бура на незадоволниот народ. И немаше во неа никакви човечки жртви, какви што имаше, на пример, во Француската и во некои други демократски револуции што се во потрага по правда, по нов правдољубив хоризонт за човекот и човештвото. Немаше никој од народот што протестираше оружје со себе, што само по себе значи дека не се работеше за терористи, поим со кој се жигосани 36мината затворени. Тие, значи, по никој основ не се тоа, бидејќи постојат, како што знаете почитувани, меѓународни критериуми со кои некој се прогласува за терорист а некој настан за тероризам. Критериуми кои по сé изгледа не важат за актуелната македонска влада, која со ваквата квалификација на луѓето кои ја бараа правдата, и во конкретниот случај функционирањето на правната држава, сее психолошки страв и заплашување, веројатно за полесно да го спроведе својот план за преименување на народот кој не сака ни педа да се помести од своето исконско име на кое има право и индивидуално и колективно, како што го имаат него без исклучок сите народи на светот.

Почитувани, во притворените за “тероризам“, според ознаката на актуелната влада, на чело со премиерот Зоран Заев, има притворено и видни интелектуалци – уметници како што се оперскиот пејач Игор Дурловски, артистот Владо Јовановски, режисерот Борис Дамовски и блогерот Богдан Илиевски, кои немаат допрено ни со прст некого, а камоли удрено или повредено некого во настаните од 27ми април. Парадоксално на суровата осуда кон нив како терористи, тие ги повикуваа револтираните граѓани во Собранието на мир и нé насилство, обидувајќи се да се избегне инцидентот. Но, цинично од актуелната влада, мотивот за нивно прогласување за терористи е тоа што тие се членови на организациониот одбор на две и половина месечното мирно протестирање на народот под мотото “За заедничка Македонија“. Нешто што не е карактеристично за ЕУ и нејзините демократски стандарди на тој план.

Почитувани, од сето понапред, ние од Македонски манифест заклучуваме дека во конкретниот случај станува збор за еден вид на психолошки терор на актуелната македонска влада врз не истомислениците, на закана и заплашување ако некој се осмели да се спротивстави на нејзиниот антидемократски механизам, како што беше тоа во случајот со криминално избраниот спикер на Собранието, Талат Џафери. Од друга, пак, страна за да биде поголем цинизмот кон правото и правдата на оваа влада, точно во денот на прогласување на 36темина што го бранеа суверенитетот, мултикултуралноста и правото осудени за тероризам, беа ослободени вистинските албански терористи, осудени за убиство на четири момчиња и еден возрасен човек од македонска националност, ставени во домашен притвор до обновено судење. Сличен став е заземен и кон албанските терористи од Косово кои пред две години во Диво Насеље, Куманово, близу Скопје во брутална терористичка акција убија осум македонски полицајци.

Почитувани, тоа е кусиот опис на ситуацијата и состојбата со правото и правната држава во Македонија. Случајот “36 притворени терористи“ на актуелната македонска влада е раритетен не само во европски, туку и во светски рамки. Сакаме уште да ве известиме дека веќе десетти ден како, шокиран како и сите ние од Македонски манифест, штрајкува со глад членот на Манифестот, писател и режисер со глад не би ли ја освестил владата да ги ослободи невините и да им се извини (тоа е најмалку што може да го направи) за стигматизацијата и срамот што им го нанела ним и на нивните семејства. Неговиот живот е во опасност.

Почитувани, како институција која се бори за правното и етичкото и морално достоинство на човекот, ние од Македонски манифест Ве замолуваме по возможност најитно да испратите во Македонија ваши луѓе кои ќе извршат непристрасна анализа на целиот овој случај во име на правдата и заштитата на човековото достоинство и демократски вредности и права. Тоа е насушно потребно, најпосле, и за нашата доверба за правдата и правото на ЕУ.

Во надеж дека нашето писмо, обраќање до Вас, нема да помине глуво и дека ќе ги преземете неопходните чекори за непристрасно расветлување на овој немил, под маска на правото и правдата, енормно груб акт на осуда, авторитарна суета и одмазда. Во очекување на вашата непристрасна експертиза, почитувани, примете ги нашите најискрени поздрави.

За Македонски манифест:

 Ефтим Клетников, поет

Митрополит повардарски Агатангел

Стојан Стојков, композитор

Александар Русјаков, писател и режисер

Фима Клетникова, поетеса

Слободан Пренџов, универзитетски професор

Запро Запров, диригент

Дардан Венетски, правник и новинар

Мелпомени Корнети, амбасадор

Цветан Гавровски, универзитетски професор

Сотир Костов, правник

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top