| четврток, 6 декември 2018 |

Страшни детали за смртта на моќниот брачен пар: Телата на познатиот милијардер и неговата сопруга пронајдени обесени

Безживотните тела на Бери Шерман, основач на канадската компанија “Апотекс” и неговата сопруга Хани, биле пронајдени во петок во подрумот на нивната раскошна вила во богата населба во канадската престолнина. Полицијата во Торонто се сомнева дека фармацевтскиот магнат и милијардер ја убил сопругата пред да се самоубие.

Агентот за недвижнини, кој носел заинтересирани купци да ја разгледаат куќата, ги нашол обесени на гелендер покрај базенот во подрумот на куќата. Шерман, кој следниот месец ќе наполнел 76 години, располагал со богатство од 3,2 милијарди долари, а тој и неговата сопруга биле познати филантропи, кои подариле милиони во добротворни цели.

Полицијата соопштила дека околностите под кои се случила смртта се сомнителни, но дека нема показатели за провала во куќата.

Меѓутоа, извори блиски на истрагата за Toronto Sun рекле дека постојат сомнежи дека Шерман ја убил Хани, а потоа изршил самоубиство. Тие веруваат дека Хани била убиена на друго место на имотот, а дека нејзиното тело потоа било донесено на местото каде биле пронајдени.

Нивните соседи, бизнис колеги и највлијателни канадски политичари, меѓу кои и премиерот Џастин Трудо, изразиле жалење и сочувство до семејството и пријателите на умрените.

Бери и Хани Шерман неодамна ја понудиле куќата на продажба за околу седум милиони канадски, односно 5,4 милиони американски долари. Вилата има пет спални соби, девет бањи, два базена и гаража за 14 автомобили, како и сауна, џакузи и тениски терени.

Шерман, кој ја основал компанијата “Апотекс” во 1974-тата година и се збогатил со продажба на евтини генерички лекови, ја напуштил положбата главен извршен директор во 2012-тата година. Шерман се наоѓа на листата на најбогати луѓе во Канада според “Forbes”.

Нивните деца ги отфрлаат шпекулациите за убиство и самоубиство.

“Шокирани сме од таа теорија, во која не веруваат ни пријателите, ни колегите”, изјавиле во саботата и додале дека нивните родители го сакале животот, што не е во склад со гласините за околностите под кои се случила нивната смрт.

точка.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top