| четврток, 6 декември 2018 |

Сијарто: Унгарија останува најгласен поддржувач на Македонија за ЕУ и НАТО

Унгарија останува најгласниот поддржувач на напорите на Македонија за интеграцијата во ЕУ и во НАТО, порача на денешната заедничка прес-конференција министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто со неговиот домаќин шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Сијарто нагласи дека за Унгарија следниот самит на НАТО е незамислив без прашањето на проширувањето и дека инсистира ЕУ да одреди датум за почеток на преговори со Македонија следниот февруари. Тој образложи дека поддршката за Македонија Унгарија ја темели на три основи од кои два се од безбедосен аспект, а тоа е соочувањето со мигрантската криза која Унгарија ја смета за најголема безбедносна закана во измината деценија за Европа и потребата за заштита на сопстевните граници.

– Унгарија и натаму ќе дава поддршка за Македонија и земјите од Западен Балкан и ја знае разликата. Ја знаеме разликата меѓу мирна состојба во регионот и немирна состојба. Сакаме овој регион да биде мирен, сакаме Западниот Балкан да биде извор и средство за натамошен европски развој, наместо ризик за Европа. Состојбите во Западниот Балкан можат да се надминат со неговата интеграција во НАТО и ЕУ. Знаеме дека Македонија и македонскиот народ веќе доста направија за да се интегрираат во ЕУ и НАТО и Унгарија останува најгласниот поддржувач на напорите за интеграцијата на Македонија и во ЕУ и во НАТО. Би сакале на следниот самит на НАТО да се најде на дневниот ред проширувањето, рече шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.

Неговиот домаќин, министерот за надворешни работи Никола Димитров, се заблагодари за силната поддршката од Унгарија за евроатлантските интеграции на Македонија и напорите во контекст на планот со реформите.

– За кратко време успеавме да внесеме нов квалитет во односите со ЕУ. Го запознав министерот и со политиката на добрососедство и нашата инвестиција во добрите односи со соседите. Цврсто сме решени да направиме се што може да не го пропуштиме следниот воз за Европа што се отвора во 2018 година, рече Димитров.

Во однос на економската соработка, министерот Сијарто нагласи дека трговската размена меѓу двете земји минатата година пораснала за 45 проценти, а во првите девет месеци од годинава таа бележи раст 47 проценти. Постои интерес за соработката во областа енергетиката за што нивната енергетска компнаија веќе потпишала тендер за изградба на хидроцентарала, а имаат интерес и во областа на проекти за отпадни води.

Според министерот Димитров, доколку трендот на раст на трговската размена продолжи и во наредните два месеца таа може да достигне и до 250 милиони евра.

На денешната средба потпишан е и Акциски план за соработка во 2018 година меѓу МНР на двете земји со конкретни форми и активности за унапредување на соработката во повеќе области. Станало збор и за унапредување на соработката воп културата, образованието.

Унгарскиот министер за надворешни работи денеска ќе има средби и со претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Парламентот Талата Џафери и со премиерот Зоран Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top