| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Македонскиот Дон Кихот – портрет на Владимир Георгиевски“

На 19 декември во 19:30 часот во Кинотеката на Македонија со отворање на пригодна изложба од циклусот „Македонскиот Дон Кихот“ и премиерата на истоимениот документарен филм, ќе започне чествувањето на македонскиот сликар со европско и светско реноме Владимир Георгиевски (1942-2017). Документарниот филм на ЕФА Продукција посветен на уметничката одисеја на нашиот знаменит ликовен протомајстор е во режија на Константин Плевнеш а поддржан од Агенцијата за филм на република Македонија.
Изложбата ќе ја отвори Климе Коробар од асоцијацијата „Икон“, а настанот ќе биде придружен и со изведба на композиции на Шуберт, еден од омилените композитори на Владимир Георгиевски, во изведба на Фјола Исмаили – виолончело и Дарко Мариновски – пијано.
Во втората половина на 2018 година, изложбата посветена на четиридецениското истражување на темата Дон Кихот, инспирирана од Сервантес, се очекува да биде презентирана заедно со документарниот филм, во една од водечките галерии на Мадрид. На премиерата се очекува да се обрати и Емилио Лоренцо Сера, амбасадор на Шпанија во Република Македонија.
На 4 јануари 2018 година во 19:30 часот е закажана и втората проекција на филмот во Кинотека на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top