| четврток, 6 декември 2018 |

Отворено писмо без адреса не стасува никаде

Или: кому му е упатено Отвореното писмо на акад. проф. д-р Катица Ќулавкова, проф. д-р Гордана Сиљановска и проф. д-р Симона Груевска-Маџоска

Алдо Климан

Секој чин на борба за зачувување на уставниот поредок и на правната држава во овие најтешки и судбоносни моменти за Република Македонија е неизмерно важен, па дури и кога доаѓа со преголемо задоцнување. Така е и со Отвореното писмо на акад. проф. д-р Катица Ќулавкова, проф. д-р Гордана Сиљановска и проф. д-р Симона Груевска-Маџоска против Законот за употреба на јазиците. Навистина немаме никаков приговор на неговата содржина, исцело втемелена врз непобитни аргументи и стручно познавање на проблематиката, но тоа писмо доаѓа не само премногу доцна, туку предоцна! – кога всушност се’ е готово! А дека е навистина така, те. дека навистина „се’ е готово” ќе се обидам да појаснам подолу. Освен тоа, најважно е и најсуштинско прашањето: кому му е упатено ова Отворено писмо?! Се знае, основна работа е секое писмо да има адресат, те. име или наслов до кој е упатено, и само на тој начин тоа може да стаса до целта. Во спротивното, неиспорачано и без каков и да е „ефект” ќе им се врати на оние што го испратиле и ќе остане запомнето само како израз на лична совест.

Проблемот е во тоа што Писмото има намера да предупреди на неуставната, незаконска и ултразабрзана, хистеризирана процедура во донесувањето на Законот за јазиците, а истовремено да остане „политички невино”, те. да не се определува „за ниедна страна”. Е тоа не оди така, и тука почнуваат сите проблеми со целосната неефектност на овој јавен епистоларен чин.

Прво, на целокупната македонска јавност, вклучувајќи ги и партиски определените и спротивставени, како и оние партиски независни граѓани, и, се разбира, на лидерите и на претставниците на албанските партии во Република Македонија (особено последниве!), значи – на сите им е сосема јасно што се случува со и околу донесувањето на овој закон, па од низа „јавни читања” и коментирања низ медиумите на неговите сосема дубиозни членови, ставови и параграфи може слободно да се рече дека секој граѓанин во Македонија многу добро е запознаен со неговата погубност за македонскиот јазик и за македонската држава, како и за положбата и судбината на јазиците на другите народности што живеат во нашата татковина, така што, во информормативна смисла, Писмото (само на стручен начин) го прераскажува она што веќе сите го знаеме.

Друго прашање е тоа што дури сега, кога е изгубена цела една година најостро да се реагира и кога јајцето практично е дојдено до „излезот” разговараме за нешто што беше апсолутно развидно од самиот момент на објавувањето на тнр. Тиранска платформа кога на македонската јавност и’ е сугерирано да се „дефокусира” од секакви платформи, и македонски и албански. Факт е, меѓутоа, дека постоеше само големоалбанската Тиранска платформа, па тоа всушност значеше да се дефокусираме од Тиранската платформа. А таму совршено јасно беше зацртано што ќе се случува со албанскиот јазик, те. дека следува недвосмислено и насилно настојување за негово воведување како втор официјален јазик на целата територија на Република Македонија, со сите познати државно-правни реперкусии. И еве не’ сега тука, пред донесувањето на тој „Закон на македонското беззаконие”, и тој едноставно без пардон ќе биде донесен, а ние и натаму, со години подоцна немоќно ќе ја коментираме неговата неуставност. Само кому тоа воопшто ќе му биде важно штом почне да се применува, и одвнатре исцело да ја разјадува супстанцата на македонската државна унитарност.

Подобро е болеста да се спречи, одошто да се лекува! Но оваа страшна големоалбанска болест зема преголем замав, затоа што македонската интелектуална елита, со ретки чесни исклучоци, за сето тоа што се готвеше и за што и птиците на гранките знаеја молчеше со уста залиена со најцрн политички катран, во смисла: „не отстапувам од своите идеолошко-политички уверувања, та макар и мене национално да ме сотрат и да ми ја уништат татковината!” Затоа ова Отворено писмо, без национално-политичка боја, без вкус и мирис не значи ништо, или значи сосема малку.

Имено, јасно е дека обичниот македонски човек, народот како таков, нема никаква политичка моќ да го оневозможи донесувањето на спорниот Закон за јазиците. Таа политичка моќ им е пренесена на избраните пратеници. Значи Писмото не им е упатено на македонскиот народ и на народностите, те. на обичниот човек, туку на пратениците во Собранието на Република Македонија.

Јасно е, исто така, дека Писмото не им е упатено на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните коалициони партнери во Парламентот, бидејќи тие најенергично се спротивставуваат на донесувањето на овој закон во предложената форма, а видовме дека дури ни за нивните (и другите) поднесени амандмани не беше дозволена апсолутно никаква расправа.

Црн хумор, ха, ха!, би било и да помислиме дека Писмото им е упатено на пратениците од албанските парламентарни партии, кои, воодушевени од непобитно стручната аргументација изнесена во него, наеднаш ќе се решат да не го донесуваат. Мислам дека ќе се согласиме дека Писмото не им е упатено ним, нели?

Е сега, остануваат само пратениците на СДСМ и нивните парламентарни коалициони партнери! Тие се единствените кои би можеле да го оневозможат донесувањето на овој мрачен закон, како и да ги оневозможат сите натамошни противуставни, незаконски и неделовнички дејанија во Парламентот, колоквијално наречени „свинштини”. Но, за жал, Отвореното писмо не им е упатено директно ниту ним и никако јавно не ги обврзува да ги послушаат сугестиите и советите за недонесување на Законот за јазиците.

Се разбира, кога би се почитувале Уставот и законите на Република Македонија, овој закон не би можел да биде донесен без двотретинско мнозинство во Парламентот. Но во моментов во Република Македонија Уставот и законите не се почитуваат, па се’ ќе биде изведено на вообичаено незаконски начин, во духот и стилот на браќата Далтони, онака како што се работи од првиот ден, од 27 април, кога е извршен државниот удар. Тоа го потврдува и незаконски избраниот спикер Талат Џафери, кој штотуку, зборувајќи за промената на името на Република Македонија и шпекулирајќи со бројки за наводна поддршка на парламентарното мнозинство од 75% од страна на граѓаните на Македонија (од каде ли само ги изваде тие податоци?!), тврди дека Собранието има целосен мандат да го смени името на државата без референдум. Не знам зошто овој идеолошко-политичко-воен конвертит наеднаш би мислел поинаку и за Законот за употреба на јазиците, колоквијално наречен Закон за албанскиот јазик, или „Закон на македонското беззаконие”.

Е сега доаѓам до она дека е предоцна за се’.

Законот за употреба на јазиците е само една важна ставка во долгиот попис неподносливи проблеми во врска со судбината на Република Македонија, што до неверојатно лудило ги продлабочи квислингот Зоран Заев со својата партиска и големоалбанска клика, и затоа какво и да е нивно парцијално решавање без да се има во предвид целината – не значи баш ништо.

Имено, што и ако се случи чудо овој противуставен и противевропски закон да биде повлечен од процедурата, кога за неколку месеци државата најверојатно ќе ни се вика „Нова Македонија” или некако слично ступидно. Тогаш одново ќе мораме да водиме бесконечни апсурдни јавни домашни и меѓународни дебати за цел еден лексикон „новимакедонски” политички термини, од името на народот (новомакедонски народ, новомакедонец, новомакедонка), до името на јазикот (новомакедонски јазик), и за тоа да донесеме и нов Устав и нови закони, па и за јазикот/јазиците, но тогаш состојбата во Парламентот нема да биде вака „проѕирна” во поглед на ставовите на албанските парламентарци, туку правилата ќе ја одредува новата фактичка, и меѓународно прифатена и усвоена државно-правна номенклатура, а таа ќе биде само новоступидна точка на и.

Затоа на ова свое Отворено писмо почитуваните акад. проф. д-р Катица Ќулавкова, проф. д-р Гордана Сиљановска и проф. д-р Симона Груевска-Маџоска треба да му додадат адреса за да стаса таму каде што евентуално би можело да предизвика некаква реакција, која не би се однесувала само на овој Закон за употреба на јазиците, туку и на цел еден комплекс најдраматични прашања од кои зависи судбината на македонската нација и држава, од предадениот и продадениот национален идентитет на Бугарите, до подлизурсковското предавање и продавање на националното име на Грците, да ги спомнеме само овие две бедни нешта.

Верувам дека и потписничките на ова Отворено писмо добро знаат дека единствената вистинска адреса се, всушност, пратениците на СДСМ во Парламентот. Доволно е само на неколкумина од нив во последните пет минути пред конечниот расплет на македонската трагедија да им „светне”, да им се разбуди националната свест и совест и да ја урнат оваа кримогена заевско-албанска кула од карти, бастион на најцрно мрачњаштво во македонската историја, и на Македонија да и’ овозможат да се врати на достоинствениот пат на демократијата и правната држава какви што познава останатиот модерен свет, и какви што и самата Република Македонија познаваше пред времето на шаренореволуционерното лудило.

Сега е последен час, сега или никогаш, цивилизациска Смрт или Слобода! – да се сфати дека актуелните екстремни идеолошки поделби во македонскиот народ значат негов конечен крај и крај на едно неповратно време на продуктивно национално заедништво, што беше и останува услов и на сите длабоки меѓуетнички поврзници во Македонија.

Време е, сега или никогаш, Доброто во Македонија (од која и да е страна, и без срам и меѓусебна непријатност) да се вмрежи на иста бранова должина, зашто Злото во Македонија и околу неа одамна си ги има испреплеткано долгите прсти и е на својата иста бранова должина.

Ова Отворено писмо без адреса укажува на тоа дека неговите потписнички мислат дека тоа ќе си се случи само од себе. Не, нема да се случи! Особено по предолгиот, застрашувачки интелектуален молк во Македонија. Затоа треба јасно, храбро и достоинствено, од рамништето на својот научен,  културолошки и граѓански авторитет да ја покажат сопствената определеност, за до крај да им веруваме на искажаните ставови како на можен патоказ кон добри и исправни одлуки. А таа решителност и определност воопшто не се гледа од Писмото кое не е адресирано токму и единствено до пратениците на СДСМ од кои всушност сега зависи се’ и врз кои во случајов лежи сета национално-политичка одговорност, така што, и покрај несомнено најдобрите намери, неговите потписнички судбоносно радикално поделениот македонски народ и натаму го оставаат (национално-политички) во недоумение, на две страни, во ситуацијава да се снаоѓа според некоја своја лична интуиција или според партиско-политичките навики на секој поединец. Постои време, а сега е тоа време, кога нештата мораат јасно и недвосмислено да се именуваат, без оглед на тоа што било и како било.

Она, пак, што се однесува на чудењето на авторките на Отвореното писмо за тоа зошто Европската Заедница досега не реагирала на неевропскиот карактер на Законот за јазиците, морам да признам дека пак јас ним им се чудам на тоа нивно чудење, бидејќи целата трагедија на Република Македонија всушност и е масло и мирудија на подмолните евроатлантски политички готвачи, кои, меѓутоа, не би имале ниту што да готват ниту пак што да сркаат и да „мацкаат” овде да не си направивме самите ние Македонци толкава бесмислена идеолошко-политичка папазјанија во својот преубав дом – Република Македонија. Сосема поинаква прикаска ќе беше доколку на првите пројавени назнаки за целосна деконструкција и демонтирање на Република Македонија едногласно и обединето реагираа водечката македонска интелигенција и најистакнатите македонски национални институции, на чело со МАНУ. Но, за жал и за срамота, тоа не се случи, па зошто тогаш и некојаси ЕУ околу тоа би си ја кршела главата.

Така е сега и со промената на името на Република Македонија. Водечката македонска интелигенција и најистакнатите научни институции упорно молкум си молчат. Алал да им е! Веројатно неколку дена, или неколку часови пред да се случи тој најстравотен понижувачки чин за македонскиот народ, ќе уследи некое вакво убаво напишано, аргументирано и неадресирано Отворено писмо, но без каков и да е домашен и меѓународен ефект, освен за литературно-политичката историја на Балканот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top