| четврток, 6 декември 2018 |

Чомски: ПР-службите се создадени да ја поткопуваат демократијата

noam comski

Владите продолжуваат да ги намалуваат трошоците и да ги креваат даноците, без оглед на тоа што мисли народот. Се следат директивите на Европската комисија, а изборите се речиси бесмислени, изјавил филозофот Ноам Чомски на своето предавање во Бон.

Најпознатиот светски антиглобалист Ноам Чомски е специјален гостин на форумот Глобални медиуми (Global Media), кој „Дојче веле“ го организира во Бон. Во предавањето што го одржал американскиот филозоф зборувал за реално постојната капиталистичка демократија во која живееме со сите нејзини мани. Еве што кажал:

„Најголемото внатрешно прашање што ја интересира американската јавност, секако, се работните места. Од друга страна, пребогатите и премоќни финансиски институции ги интересира само дефицитот. А, што прави политиката? Таа наложува штедење – одлучува да не отвора работни места, туку да го санира дефицитот.

Во Европа е уште полошо. Дури и ’Вол стрит џурнал’ во еден свој напис го подвлече отсуството на демократија во Европа. Французите, Шпанците, Ирците, Холанѓаните, Португалците, Грците, Словенците, Словаците и Кипарците од почетокот на кризата пред три години со големо мнозинство гласаат против моделот кој го нуди еврозоната. Во тие земји, властите претрпеа изборни порази, левичарите ги сменуваат десничарите, и обратно – но економската политика остана иста.

Владите продолжуваат да ги намалуваат трошоците и да ги креваат даноците, без оглед што мисли народот за тоа. Националните власти ги следат макроекономските директиви кои ги поставува Европската комисија, а изборите се речиси бесмислени. Сето тоа личи на земјите од третиот свет со кои управуваат меѓународните финансиски институции. Европа го одбра тој пат, а не мораше.

Студената војна е закана која постои 70 години, а денес во одредени аспекти е уште поголема. Во постојната капиталистичка демократија правата и потребите на луѓето се споредна грижа. Владите зборуваат за национална безбедност, но тоа главно е мит. Тие, всушност, сакаат да си ја зголемат моќта и да профитираат, а безбедноста не е главна грижа.

Застрашувачки пример е инвазијата врз Ирак. Американските и британските тајни служби ги информирале властите дека мисијата во Ирак, најверојатно, би го зајакнала меѓународниот тероризам. Но, тоа никого не го интересирало. И, навистина, бројот на терористички акти се зголемил за седумпати само една година по инвазијата.

Деновиве американската влада го правда масовното шпионирање што го вршат тајните служби со тврдење дека така се пресметуваат со тероризмот. Да постои навистина слободен печат, тој би ги исмеал оправдувањата на американските функционери бидејќи е докажано дека нивната политика, всушност, го поттикнува тероризмот. Но, тоа не постои, што сите нас нѐ предупредува колку сме оддалечени од идеалот на слободниот печат.

Улогата на службите за односи со јавноста денес е поткопување на демократијата. Само информираните гласачи донесуваат добри одлуки. Погледнете ги изборните кампањи – целта на оваа машинерија е да создаде дезинформирани гласачи што донесуваат ирационални одлуки.

Индустријата за одоси со јаноста стигна до политиката со едноставна трансформација од својата примарна функција – комерцијалниот маркетинг, а комерцијалното огласување е создадено да го поткопува пазарот. Секој што учел економија знае дека слободниот пазар е заснован врз информирани потрошувачи кои носат рационални одлуки. Кога ќе го вклучите телевизорот, ќе видите дека рекламите се направени за да ги дезинформираат потрошувачите и да ги наведат на ирационално купување.

САД и Канада со ентузијазам се обидуваат што побрзо и поцелосно да ја искористат секоја капка фосилно гориво, вклучувајќи ги тука и опасните. Во ова екстравагантно самоуништување нема простор за колебање. Секој напис во дневните весници може да послужи како илустрација за ова лудило. Лудило, всушност, е одличен збор бидејќи претставува спротивност на рационалноста.

Во исто време се спроведуваат масовни корпорациски кампањи кои треба да го оправдаат лудилото. И покрај тоа, американската јавност и понатаму ѝ верува на науката и е многу блиску до глобалното ниво на грижа за животната средина. Многу луѓе предупредуваат на катастрофа и повикуваат на разни акции.

Но, тука се изразува разликата меѓу мислењата на луѓето и ставовите на политиката и партиите. За среќа, корпоративниот сектор како коњаница пристигнува да се пресмета со проблемот. Постои корпоративна креација наречена Американски законодавен совет, која ги пишува законите за потребите на федералните држави – нема потреба да ви прецизирам какви закони пишуваат тие. Зад нив стојат купишта пари.

Токму сега работат на нова програма за да ѝ се спротивстават на рационалноста што ја покажува јавноста. Таа програма ќе се спроведува од градинка до крајот на основното училиште, а идејата е наводно унапредување на критичкото размислување на децата низ урамнотежено учење – кој не би поддржал таква идеја! Но, урамнотежено учење за нив подразбира дека кога одите на училиште да учите за промените и загрозувањето на климата, наставниците ќе мора да предаваат и за теориите кои ги негираат климатските промени!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top