| четврток, 6 декември 2018 |

Никола Груевски со најголем политички рејтинг во историјата

Речиси 15 години на чело на ВМРО-ДПМНЕ, од нив скоро десет и како претседател на Владата. Додека Никола Груевски беше на овие клучни позиции не потклекна под силните притисоци за промена на уставното име.

Самиот тврдеше дека се обидува да најде решение за овој проблем, но дека тоа мора да биде достоинствено за Македонците. Потребата од референдум за името, која подоцна стана дел од програмите и на другите политички партии, е токму негова идеја уште од 2005-та.
Иако во последните три години жестоко атакуван од западот, тој ниту за милиметар не се откажа од позицијата за членство во ЕУ и НАТО, и за стратешко партнерство со САД.
Груевски не попушти ни за спорните одредби во договорот за добро соседство со Бугарија за кој се преговараше 8 години, а по промената на власта беше експресно усогласен.
Застана и против тиранската платформа и неуставната двојазичност, потег што го чинеше и неформирање влада како повод, иако причината беше многу покрупна и повторно поврзана со името, а од тоа неформирање влада произлезе и заминувањето од челното место на партијата 10 месеци подоцна.
Како премиер не остана без јавна реакција и кога МПЦ во безнадежност беше на раб, наместо автокефалност да се задоволи со статус кој е степен подолу- автономија односно самостојност понудена од руската православна црква со што МПЦ беше одвратена од намерата не сакајки да влегува  во конфронтација со власта.
Пред две години категорично одби населување на 150.000 мигранти од Азија и Африка со што дополнително го навлече гневот на меѓународната заедница.
По десет изборни победи и еден пораз на избори кои не ги признаа сите партии од опозицијата Груевски одлучи превземајки еден вид морална одговорност за поразот да се повлече од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да ја препушти на некој друг кој треба да биде избран на конгрес на 23-ти декември.
По објавата на оставката, на последниот јавен настап на протест пред 10 илјадната публика, членството се обиде да го одврати од намерата и да го разубеди да не се повлекува.
Воздигнуван и навредуван, признаван и оспоруван, подржуван и напаѓан, споредуван со најголемите македонски великани, но и погрдно нарекуван и споредуван со најцрните личности од историјата, личност со најголем политички рејтинг на политичката сцена во последните 15 години, неоспорен авторитет во своето време водачот на ВМРО-ДПМНЕ заминува од лидерската функција.
Извор: ТВ Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top