| четврток, 6 декември 2018 |

Во 2018 власта ја укинува евтината тарифа за струјата која ја воведе во 2017

Владата најави дека од крајот на наредната година домажинствата ќе се снабдуваат со струја на слободен пазар, затоа што ќе следува либерализација на пазарот за електрична енергија. Ова значи дека евтината тарифа на струјата веќе нема да постои, барем не во оваа форма.

Дали ќе има евтина тарифа од 14 до 16 часот во работни денови и цел ден во недела ќе зависи од понудата на снабдувачот кој ќе го избере секое домаќинство. Понудите можат да вклучуваат и различни термини за евтина струја, но тоа неизбежно ќе значи и ново подесување на електронските броила.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев тврди дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија нема да значи поскапување на струјата, напротив, поголемата конкуренција ќе ги намалела цените. Тој напомена дека ЕЛЕМ и МЕПСО нема да се приватизираат, но дека за ЕЛЕМ да го задржи чекорот со конкурентите од странство и да ги натера снабдувачите да купуваат струја од домашно производство треба драстично да ги скрати непродуктивните трошоци.

Од Европската енергетска заедница велат дека новиот Закон за енергетика ги исполнува речиси сите нивни барања. Македонија успеала да ги исполни обврските и да ја усогласи регулативата во енергетскиот сектор согласно европската. Енергетската заедница ќе ги анулира двата спора што ги отвори бидејќи земјава, според нив, не го почитувала правото на слободен избор на граѓаните.

Законот за енергетика треба да биде усвоен до крајот на март. Меѓу другото тој предвидува за оние граѓани кои нема самите да изберат снабдувач, струја да обезбедува таканаречен „универзален снабдувач“, фирма која ќе се избира на тендер на секои 5 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top