| четврток, 6 декември 2018 |

На која планета дише Шилегов?

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска оцени дека е политички мотивирана иницијативата на Фејсбук преку која родители најавуваат дека нема да ги пуштаат децата на училиште во знак на револт од загадувањето во Скопје.

– Моето лично мислење е дека во добар дел т.н. иницијатива на граѓаните е евтин политички блеф на ситно популистичката политика што ја креираше ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период, а чии што стравични последици по нашето здравје ги чувствуваме токму сега. Моите информации се дека е политички мотивирана со цел да се дискредитираат и локалната и централната власт во борбата против загадувањето, рече Шилегов одговарајќи на новинарски прашања, пред денешната дискусија за развивање интегриран пристап за заштита на квалитетот на воздухот, во рамки на проектот за УСАИД за граѓанскло општетсво.

Прашан за можноста за предвремено почнување на зимскиот распуст на учениците, Шилегов посочи дека тоа не е во негова надлежност, но оти како градоначалник е подготвен да ги преземе сите активности кои ќе можат да придонесат за заштита, пред се, на децата.

Утрово во Скопје прст пред око не се гледа и смрди на пластика, за Шилегов тоа е реално шоу (ФОТО)

Како што наведе, Град Скопје веќе работи и се очекува во текот на јануари дел од средните училишта да бидат со прочистувачи на воздух во училниците со што училиштата би биле поздрава средина за децата.

Според него, Скопје плаќа сметка за повеќедецениската целосна несериозност и негрижа за здравата животна средина.

– Градењето насекаде и на секој можен начин, масовното уништување на зеленилото особено во централното градско подрачје, некреирањето политики и стратегии во изминатиот период е данокот кој го плаќаат граѓаните за жал во средината во која што живееме, оцени Шилегов.

Зборувајќи за мерките што се преземаат против загадувањето  потсети дека на акцијата што е почната за чистење на Скопје,  како и дека се работи на нов концепт за јавен превоз, на усогласување на деталните урбанистички планови на општините со генералниот урбанистички план за да може, како што потенцира, да се стопира дивеењето во градбата.

– Има работи кои се направени со неповратна штета. Сопрен е протокот на воздухот, наведе Шилегов, апелирајќи загриженоста кај граѓаните да се канализира во вистинска насока со промена на животните навики кај секој поединечно.

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули  порача дека е неопходен интегриран и координиран пристап на сите чинители од сите сектори заедно со идеите на граѓанските организации, но и со однесувањето на тие организации и на граѓаните воопшто. Побара партнерски однос и заедничка координирана акција во справувањето со загадувањето.

Отворени сме кој било предлог што ќе може да помогне да го вклучиме и соодветно да буџетираме, рече Макрадули.

Според Едвард Гозналес, директор на канцеларијата за развој на УСАИД, загадувањето е комплексен проблем кој бара мултидициплинарен пристап.

– Македонија и Скопје пред се, се многу загадени гледајќи го европското ниво, но има градови во светот коишто се уште позагадени и можеме да ги слушнеме нивните искуства и да научиме од нивните примери со цел сите заедно, претставниците на општинските власти и на граѓанското опшетесво да најдат практични и ефективни решенија, рече Гонзалес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top