„Разумен човек треба да се раководи од следниве принципи во однос на својата држава: треба да говори ако смета дека со државата не се управува добро, но само доколку не говори залудно или доколку за неговите зборови не му се заканува смртна казна”.
Овој цитат е наведен од прочуеното Седмо писмо на Платон, а се однесува на безмилосниот тиран од Сиракуза Дионисие II, но дека античкото лице на тиранијата не се разликува многу од нејзиното современото лице, еуфемистички а сепак сликовито наречено „демократура”, трагично може да се види врз црниот пример на актуелните политички и државни прилики во Република Македонија. Поимот„смртна казна” воопшто не е нужно да се замени со појмовите од македонското општествено секојдневие како што се „политички и судски прогони, апсења, физичко и психолошко малтретирање и застрашување на граѓаните и сл.”, зашто политичкиот терор што во моментов е на дело во нашава земја е апсолутно еднаков на ментална и психолошка смртна казна за секој оној поединец што е сосема освестен дека на најгруб начин и неповратно му ги убиваат татковината, името и идентитетот. Човек без своето име, без својот идентитет и без своја татковина е жив мртовец. Од времето на Платон до трагичното македонско денес е само сменет моделот на извршувањето на смртната казна, од физичка кон ментална, која според патентираниот психо-садистички урнек на квислиншкиот премиер Заев во исто време е и индивидуална, и масовна – те. национална.
Со меѓународното инсталирање на власт на Зоран Заев и на неговата партиска и големоалбанска клика, започна бескрупулозното касапење на Република Македонија, така што во еден неверојатен и во современиот свет невиден политички блиц-криг во траење од само неколку месеци таа сосема е раздржавена и во Уставна, и во правна, и во органзациска, и пред се’ и над се’ во демократска смисла. Во изминативе шест месеци, а така ќе биде и во наредните шест месеци, се’ додека не се докусури, се приведува кон крај софистицираната специјална војна за (само)уништување на македонскиот народ и на неговата држава Република Македонија, а прв чекор во таа насока беше по најбрза можна постапка во неа да се наметне далтоновско беззаконие, што со успех е изведено и сега се спроведува. Изминатите 150 години беа херојско време на борба за национална и социјална слобода и создавање своја самостојна и независна држава, херојско време на македонските јунаци и на целиот македонски народ. Но дојде зорт-заман еден беден предавник сето тоа да го поништи и да го пребрише во само неколку месеци, претрчани од лага до лага, од предавство до предавство, од одложено судско рочиште до одложено судско рочиште за сторен криминал.
Надреално е и несфатливо што во однос на најважните и најсудбоносни прашања за македонскиот народ и за македонската држава, сета апсолутна и апсолутистичка моќ така лесно му е препуштена на еден единствен бескрупулозен, безочен човек, и притоа на дело фатен криминалец – Зоран Заев, и тој прави се’ што ќе му текне и се’ што ќе му се посака. Во политичкиот речник тоа се вика тиранија. И, не смееме да се залажуваме! – од неа веќе нема куртул, зашто станува збор за еден аморален слуга, беден вазал на туѓи и туѓински интереси во Република Македонија, и бесрамен неранимајко, суртук, лажливец и вртикапа, кој постојано импровизира, и лаже, и ветува на сите страни.
Да потсетам: зборовите неранимајко, суртук, лажливец и вртикапа се убави, стари, сликовити и проверени македонски зборови што ги употребуваме токму за такви типови како Зоран Заев, за да не рече некој дека овде, не дај Боже, станува збор за говор на омраза. Токму спротивното: баш неговите зборови и предавнички дела се најстравотен говор на омраза кон сопствениот народ и кон сопствената држава, а ние тоа го трпиме.
За жал и најцрните негативци влегуваат во историјата, па така и Заев, кој сега ги испишува најцрните и најтрагични страници на македонската историја и токму како таков во неа ќе биде запомнет и запишан. Кога сета оваа агонија што тој ја предизвика и ја создаде еднаш ќе помине, последниот рефлектор на опустошената национална сцена на која сега тој се изживува до бесно лудило ќе го осветли токму него, тоа гнило балканско јаболко, тој ништожен човечки црвец кој ни ја црвјоса и ни ја разјаде нашата прекрасна татковина Македонија.
Затоа, – имајќи ја предвид сета сегашна негова неограничена моќ, потпрена врз уценувачката поддршка на неговите големоалбански партнери и длабоко инволвираните меѓународни фактори, – кога станува збор за парламанетарната демократија и за македонскиот Парламент како највисоко демократско законодавно тело на кое тој и неговата клика му даваат своја, и единствено своја за Република Македонија апсолутно деструктивна насока – треба јасно и гласно да се рече дека таму, во нашето откраднато и окупирано Собрание се’ е фејк, дека сето тоа е најобична измама и лага. Треба веднаш да се прекине со таа фарса!
Парламентарната опозиција нема никаква моќ на влијание и не постои никакво колегијално, цивилизирано почитување кон нејзините претставници како (во демократска смисла) рамноправни политички противници и опоненти, а пак за партнери во најважните државни прашања, како што е тоа случај во сериозните демократии, воопшто и да не зборуваме. Сведочиме само на едно најобично примитивно изживување на парламентарното мнозинство, со незаконски и со пуч наметнат спикер. Опозицијата и’ служи на владејачката мнозинска гарнитура само како декор, како обвивка, како театарска магличка, како демократски параван, како демократска рамка за донесување и спроведување на најнедемократски, антидржавни и антинационални закони и одлуки, и всушност со своето учество во таа своја безизгледна и бесмислена работа на мнозинството му го одржува лажниот легитимитет. Звучи парадоксално и неверојатно, но додека опозицијата учествува во работата на ваквиот Парламент, до јавноста се испраќа порака дека и таа соодлучува во најнеприфатливите нешта на кои всушност на секој можен начин им се спротивставува. Но во демократијата е така: постои надгласување; вие, господа опозиционери, еве, имавте демократско право да си го кажете она што сакавте да го кажете, добивте збор, го кажавте тоа, а сега да преминеме на гласање, те. надгласување. За жал, не ви помина, одиме натаму. И така „демократијата” (под наводници!) е испочитувана, при што во оваа наша смртоносна национална агонија од таквата вештачка, неподнослива и неприфатлива состојба на внатрепарламентарните односи има и многу задоволни: Крајно задоволни се еврокомесарот Јоханес Хан и евро-министерката Федерика Могерини кои тврдат дека демократските процеси во Македонија се одвиваат во најдобра насока. Задоволна е администрацијата на Соединетите Американски Држави која смета дека демократските процеси во Македонија се одвиваат во најдобра насока. Задоволен е НАТО. Задоволни се Република Бугарија, Република Грција и Република Албанија кои сметаат дека демократските процеси во Македонија се одвиваат во најдобра насока. Задоволни се албанските партии во Македонија кои незапирливо, со неподнослива приземна доза на цинизам кон македонскиот народ, со успех ја остваруваат големоалбанската Тиранска платформа.
Да видиме: има ли уште задоволни?! Можеби понижениот македонски народ?!
Владејачкото мнозинство преку владата и преку Парламентот и така и така ќе го направи сето она што наумило да го стори! Компир гледаат – месо вадат! Така што опозицијата нема што да бара во таа измама на столетието. Ако таа и успее да купи ден-два-три за Македонија, тоа се само „ден-два-три”. Нашите острвени грабежливци што не’ опкружуваат, стрпливо го чекаа ова време цели 150 години. Па сега кога си го имаат предавникот Заев, за последниот ограбувачки чин можат стрпливо да почекаат и уште „ден-два-три”, додека опозицијата ги „искористи” своите можности да се јавува за збор и на место да шлајфува во Парламентот, зашто таму никој не ја слуша ниту ја сфаќа сериозно.
Меѓутоа, во перцепцијата на домашната и меѓународна јавност ситуацијата главно изгледа вака: Собранието на Република Македонија нормално си работи, се донесуваат одлуки и закони. Ок, таму се расправаат, се караат, но така работат парламентите, па гледано однадвор, од Брисел и од Вашингтон, гледано од амбасадорските фотелји во Скопје, се’ си е на своето место, бидејќи, си мислат тие, опозицијата на крај си легна на брашно во однос на сите неуставни постапки, од државниот удар на 27 април, до целосното непочитување на деловникот. Парламентарниот параван вешто ја задскрива диктатурата и тиранијата на Зоран Заев и му дава штих на некаква божемна сериозност на неговиот кримократичен и демократурен гремиум што сосема ни ја упропасти државата и што ќе има далекусежни и национални и меѓународни последици.
Затоа на тој и таков ступиден парламентарен циркус веднаш треба да му се стави крај и да му се каже „не повеќе!”, и опозицијата треба да излезе од тој фејк-парламент, зашто тоа порано или подоцна ќе мора да заврши токму така. И што порано – тоа подбро! Привидот не може да ја крепи вистината. А вистината и доброто, пак, никако не смеат да им служат на злото и на подмолната лага и измама, бидејќи тогаш исчезнуваат и границите помеѓу едното и другото.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст