Полицијата во Париз трага по бездомник кој случајно нашол 300.000 евра од канцеларија на компанијата Лумис на аеродромот Шарл де Гол.
Компанијата Лумис е задолжена за транспорт на пари до и од аеродромот, и вообичаено нивната канцеларија е добро чувана и заклучена. Но, минатиот петок вработените ја заборавиле вратата отворена, што го искористил бездомникот кој влегол внатре и се послужил со големата пратка пари. Целата случка е снимена на безбедносната камера и полицијата има снимки од бездомникот на околу 50 годишна возраст и интензивно трага по него.
На снимката може да се забележи дека бездомникот откако прочепкал во кантите пред канцеларијата, случајно се наслонил на вратата и изгледа изненадено кога таа се отворила, а наскоро изненадувањето станало уште поголемо кога видел колку пари има во две вреќи оставени во канцеларијата. Набргу потоа човекот исчезнал од аеродромот со двете вреќи полни пари, оставајќи ја зад себе својата излитена вреќа во која ги носел своите работи.
На Шарл де Гол во секое време живеат околу стотина бездомници чие присуство вообичаено се толерира од страна на аеродромското обезбедување.
(фото – илустрација)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.