| четврток, 6 декември 2018 |

Правните експерти едногласни: Голем број нерегуларности во постапката за случајот 27 април

Правно контрадикторни, политички мотивирани, без никаква заснованост – вака правните експерти ги толкуваат обвиненијата за „тероризам“, кој се води против 36 лица а се однесува на настаните кои се случија на 27 април.

Поранешниот министер за правда и јавен обвинител Михајло Маневски вели дека во случајот популарно наречен 27 април не постојат никакви елементи за делото тероризам.

-Кривичното дело тероризам за кое се гонат лицата кои неосновано се наоѓаат во притвор има повеќе елементи и се карактеризира со намера на сторителот да го загрози уставниот поредок и безбедноста на државата со намера за или загрозување на уставниот поредок со експлозија, пожар, поплава или друго општо опасно дејство или средство. Овие елементи не постојат кај овие лица кои се притворените и овој акт на насилие кој го третираат во овој кривично правен настан апсолутно нема никаква врска со загрозување на уставниот поредок, вели Маневски.

Маневски додава дека во предвид треба да се има какви се дејствијата кој ги сториле притворените лица и секој од нив да има опис на дејствието што кој сторил, не може да има колективна одговорност на сите за ова кривично дело.

Доколку е таков случајот и сака да се докаже колективна одговорност, јавниот обвинител треба да докаже дека кај сите овие лица имало договор со поделени улоги во извршување на кривичното дело, потенцираше Маневски.

Од увидот кој тој го имал во решенијата за притвор немало наведено опис на дејствијата кој обвинетите го сториле. Според законот решението со кое се определува притвор кон сторител на кривично дело мора да содржи факти и докази како и опис на стореното кривично дело.

-Решенијата за притвор за обвинетите за настаните од 27 април не постои никаков опис на сторено кривично дело-вели Маневски.

Според Маневски во некои од решенијата постои тотална спротиставеност со одредбите од законот за кривична постапка, каде во едно од решенијата се одбива барањето на бранителот да направи увид во доказите и бара да се презентираат доказите од кои произлегува основано сомнение дека сторителот сторил кривично дело и се наведува дека истражната постапка е тајна. Истражната постапка според законот не е тајна, тајна е предистражната постапка, бранителот на обвинетиот мора да има увид во доказите и мора да постои опис на стореното кривично дело.

За идентичен случај Врховниот суд на Македонија со пресуда КЗЗ број 11 ги укинува двете решенија на Основниот суд Скопје 1, токму поради тоа што во решенијата нема наведени никакви факти и никакви докази дека осомничениот го сторил кривичното дело, а според член 167 став 2 точка 1 од законот за кривична постапка во фактите и доказите задолжително треба да има увид одбраната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top