| четврток, 6 декември 2018 |

Од 123 објекти на поранешна СФРЈ, за 51 се бара решение

Мешовитиот комитет за сукцесија, составен од претставници на Македонија, Србија, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина, утре ќе одржат состанок во Белград, изјави претставникот на Србија во тоа тело Вељко Одаловиќ.

-Верувам дека во текот на следната година ќе ги решиме најголемиот број проблеми. Постои еден број објекти кои неспорно можат да се поделат и ќе инсистираме на тоа на претстојната средба, изјави Одаловиќ за РТС.

Тој истакна дека од 123 објекти на поранешна Југославија во странство, 72 се поделени, а за 51 објект се бара решение.

-Меѓу нив има и такви кои, иако се впишани како сопственост на СФРЈ, се утврди дека се впишани по различни критериуми и е невозможно да бидат поделени, објасни српскиот претставник.

Тој истакна дека очекува брза реализација кога станува збор за некогашните претставништва на Југославија во Њујорк и Токио, како и станот во њујоршката Пета авенија.

-За одржување на станот на Петата авенија во Њујорк, Србија досега дала три милиони долари и покрај тоа што никој не го користи. Постојат заинтересирани купувачи, но не и договор помеѓу поранешните југословенски републики, посочи Одаловиќ.

Тој наведе дека се спорни и четири објекти со голема површина кои се наоѓаат во Москва, Адис Абеба, Њу Делхи и Бразил, бидејќи земјиштата на кои се наоѓаат не се внесени како сопственост на СФРЈ.

Поделбата на имотот на Југославија е прецизиран преку седум анекси: подвижен и недвижен имот, дипломатски и конзуларен имот, финансиски подржужници, архив, пензија, долг и приватен имот. Од поделените недвижни имоти досега Србија доби 30, Хрватска 18, Словенија и Босна и Херцеговина по 10, а Македонија четири објекти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top