| четврток, 6 декември 2018 |

Како елката стана неизоставен дел од новогодишните прослави?

Никој не знае кога точно датира украсувањето на зимзелените дрвја пред нова година. Се верува дека датира од времето кое му претходи на настанувањето на христијанството.

Како што и денеска ги украсуваме своите домови за време на новогодишните празници, луѓето тогаш ги украсувале своите домови со гранки од зимзелени растенија, верувајќи дека тие детали од дрвото, кое и одолева на сите временски услови, ќе ги чува од вештерки, лоши духови и болести.

На северната хемисфера на 21 декември денот е најкраток, а ноќта е најдолга. Во одамнешни времиња луѓето верувале дека Сонцето е бог и дека зимата секоја година доаѓа затоа што Сонцето-бог е болно и слабо.

Тие го славеле 21 декември верувајќи дека токму тој ден Сонцето започнало да се чувствува подобро.

Гранките на зимзеленото растение и давале надеж дека зелените билки ќе пораснат кога Сонцето-бог ќе оздравее и ќе сјае со својот полн сјај.

Египјаните имале слична традиција, верувајќи во богот на сонцето, Ра. Тие своите домови ги украсувале со гранки од зелени палми во знак на прослава и верба дека Ра ќе оздравее и од ден на ден ќе блеска со својата топлина се повеќе и повеќе.

Се верува дека традицијата на украсување на зимзелени дрвја за време на новогодишните празници започнала во Германија во 16 век, кога побожните христијани започнале да користат зимзелено дрво за декорација на своите домови.

Некои правеле божиќни пирамиди од дрвјата и ги украсувале со зимзелени гранки. Се верува дека Мартин Лутер, протестантски реформатор, прв украсил божиќно дрво со свеќи.

Сепак, се до почетокот на 20 век немало значајни промени во украсувањето на новогодишните елки.

Имено, иако не се знае точната година, дури на почетокот на 20 век Американците почнале да ги декорираат своите елки со рачно направени украси, додека нивните сонародници со потекло од Германија за украсување користеле јаболка, лешници и колачи.

Електричната енергија на свеќите ги замениле со декоративни ламбички, со што новогодишната елка добила на сјај и атрактивност.

Паралелно со појавата на украсните сијалици, почнала и традицијата на украсување на големи елки на градските плоштади ширум светот.

Најголемата елка била украсена во 1946 година во њујоршкиот Рокфелер центар.

Денеска постојат различни варијации не само кога се во прашање украсите, туку и самата новогодишна елка.

Некои се држат до традицијата, додека пак во некои домови ќе видите пластична или пак потполно авангардна реплика на новогодишна елка.

Сепак, несомнено е дека речиси сите семејства ширум светот редовно ја дополнуваат колекцијата на украси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top